Нов, интересен и сезонски рецепт кој вреди да се проба! Ако сте малку поискусни во кујната или што би рекле ве бидува за десерти, направете го овој сочен колач со кајсии и пудинг.
Предлогот ни доаѓа од кујната на Диана, а колачот изгледа фантастично вкусно. Можеби ќе ви одземе малку повеќе време за подготовка, но крајот резултат ќе се исплати.

Состојки:
- 100 грама путер
- 2 јајца
- ¾ чаша шеќер
- 2 мали лажички прашок за печиво
- 1 ½ чаша брашно
- екстракт од ванила
- 1 чаша кајсии
- 1 лажица брашно
- 1 – 2 лажици брашно за поросување.
Крем:
- 400 мл млеко
- 1 пудинг од ванила
- ½ чаша шеќер.
Дополнително за горен слој на колачот:
- 100 грама путер
- ½ чаша шеќер
- 2 лажици кокос
- 2 лажици сечкани бадеми
- ½ чаша брашно
- ванилин шеќер.
Подготовка:
- Прво се подготвува кремот. Пудингот од ванила и шеќерот се ставаат во длабока чинија. Се мешаат со лажица и постепено се додава околу 100 мл млеко. Се меша за да се добие хомогена смеса.
- Преостанатото млеко се става во тенџере на оган да се вари. Во зовриеното млеко се додава разматениот пудинг и се меша додека се згусни.
- Тенџерето се трга од огнот и се покрива со најлонска фолија за да не се формира кора на пудингот. Се остава пудингот да се излади.
- Во меѓувреме се започнува со подготовка на горниот слој на колачот. Со сад за матење се ставаат путерот, шеќерот, брашното, кокосот и бадемите. Се додава ванилиниот шеќер и се меша или блендира додека се добијат трошки. Смесата се остава да се излади, а потоа се додава врз колачот пред печење.
- Следно се приготвуваат кајсиите. Се мијат, преполовуваат, им се отстрануваат семките и се сечат на танки парчиња. Се мешаат со 1 лажица брашно за да ја впие влагата за време на печењето.
- Јајцата и шеќерот се ставаат во сад за матење. Се матат додека шеќерот се растопи и се добие густ крем. Во садот се додаваат растопениот путер и брашното претходно измешано со прашокот за печиво. Се меша со лажица и се додава екстракт од ванила по вкус.
- Во тава со големина (20*20) се става хартија за печење. Потоа се додава смесата со матените јајца. Врз неа, со помош на цедилка се поросува околу 1 лажица брашно и се редат кајсиите.
- Потоа, рамномерно се распределува пудингот од ванила и се редат трошките. Колачот се става да се пече во загреена рерна на 175 степени за време од 45 до 50 минути. На средина од печењето врз колачот се става хартија за печење. Печениот колач се вади од рерната и се остава целосно да се излади, додека пудингот се стегне. Потоа се сечат парчиња и се служат. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Мафини со кајсии и афион.