Ако ви е досадно дома и зимата ве ограничува да се движите и да ги правите секојдневните активности, ви предлагаме да припремите интересна закуска. Времето дома може да биде исполнето со убави нешта, а една таква активност може да биде подготовка на домашно кандиран ѓумбир.
Ѓумбирот е одлична антивоспалителна храна, супер за добар имунитет и за справување со настинките. Може да го подготвувате во вид на чај, да го рендате во салати или да направите слатка закуска со здрави својства. Ви требаат само две состојки и работата ќе биде завршена. Ајде да дознаеме како се прави!

Состојки:
- 500 гр свеж ѓумбир
- шеќер (во подготовката е објаснета количината)
- 3 лажици вода.
Подготовка:
- Ѓумбирот измијте го и излупете го, па исечкајте го на парчиња со приближно иста големина. Ставете ги парченцата во тенџере и додајте вода во количина која е доволна да ги прекрие.
- Варете на тивок оган околу 30 минути, односно додека не омекне ѓумбирот.
- Исцедете го, измерете го и ставете го во сад, па додајте ја истата количина на шеќер и 3 лажици вода.
- Повторно варете на тивок оган додека ѓумбирот стане проѕирен и течноста испари. Потоа, на уште пониска температура, варете со постојано мешање додека ѓумбирот стане скоро сув.
- На крај, извалајте ги парчињата ѓумбир во шеќер, така што да бидат целосно покриени.
- Парчињата распоредете ги во соодветен сад и оставете ги на собна температура за да се изладат.
- Кога сосем се изладиле, ставете го кандираниот ѓумбир во тегла и добро затворете ја, а по желба може да го завиткате во целофан.
Ви препорачуваме да прочитате: Како да изберете и чувате ѓумбир?