Најдобриот вегански мача чизкејк

Вегански и без глутен! Рецептот за најдобриот вегански мача чизкејк ни го испрати нашата пријателка Марија, а ние со задоволство го споделуваме со вас. Taa вели: Досега сум направила и пробала многу различни мача чизкејкови, но овој е дефинитивно најдобар од сите.“

Што е мача? Мача е прав од мелени листови од зелен чај. По бербата, листовите кратко стојат на пареа и се сушат. Од нив се чисти вишокот гранки и се мелат во препознатливиот зелен прав. Мачата има многу здравствени придобивки: ѝ дава сјај и еластичност на кожата, го намалува крвниот притисок, ги зајакнува коските, го регулира холестеролот и го подобрува расположението. Па, драги пријатели направете го најдобриот вегански мача чизкејк што поскоро.

вегански мача чизкејк

Состојки:

За подлога:

  • 1 чаша лешници
  • 1 чаша ореви
  • 1 чаша свежи урми без семка
  • 1 лажица какао
  • ½ чаша таан
  • 1 лажица ванилин шеќер
  • 1 лажица сусам.

За крем:

  • 2 чаши индиски ореви
  • ½ конзерва (околу 200 г) кокосово млеко
  • сок од ½ лимон
  • 2 лажички просеана мача
  • ¼ чаша јаворов сируп или агаве
  • 1 лажица ванилин шеќер.

Подготовка:

  1. Оревите, лешниците и урмите ставете ги во блендер и изблендирајте ги. Додајте ги ванилиниот шеќер, таанот и сусамот и блендирајте за да добиете хомогена смеса.
  2. Смесата ставете ја во сад обложен со хартија за печење и убаво распоредете ја. Садот ставете го во фрижидер.
  3. Индиските ореви прелијте ги со зовриена вода и оставете ги 20 минути. Потоа, изблендирајте ги. Додајте ги преостанатите состојки и блендирајте за да добиете хомогена смеса.
  4. Добиената смеса прелијте ја врз претходно направената подлога и убаво распоредете ја. Чизкејкот оставете го во замрзнувач неколку часа за убаво да се стегне.
  5. Подготвениот чизкејк исечете го на парчиња и послужете го. На здравје!

Совети плус од авторот:

  • За поинтензивен вкус на чизкејкот ставете повеќе мача.
  • Ако чизкејкот остане во замрзнувач подолго време, пред сечење оставете го малку да одмрзне.

Автор на рецептот: Марија Старделова (marijamarijamarija).

Ви препорачуваме да прочитате: Чоколадна чизкејк торта.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: