Алергиите се многу досадни и тешко се лечат. Бидејќи тие се еден од најраспространетите здравствени проблеми на денешницата, со внимание издвоивме кои се проверени природни лекови против алергии и со грижа ги споделуваме со вас.
Голем број луѓе се соочуваат со алергиски реакции и тегоби. Човек може да биде алергичен на:
- храна (овошје, зеленчук, брашно, јајца, млеко, месо)
- разни лекови
- хемиски супстанции
- метали
- влакна од животни
- убод од пчели
- други алергени од животинско потекло
- алергија на сонце и слично.
Најчести се сезонските алергии кои се јавуваат во пролет и лето кога концентрацијата на полен и други елементи во воздухот е многу висока.
Постојат природни лекови и препарати за ефикасно сузбивање на алергиите, кои имаат многу слични својства и дејство како антихистаминици. Лековите кои се на природна база може да ги употребувате самостојно и во комбинација со антихистаминици. Тоа се разни чајни мешавини и други препарати за кои состојките можете да ги набавите од продавниците за здрава храна, на пазарите и во маркетите.

Природни лекови против алергии
Алергиите се јавуваат кај луѓе кои имаат ослабен имун систем, па истите треба да јадат повеќе намирници кои го зајакнуваат имунитетот, а пред се оние кои се богати со витамините Б, Ц и Е, минералите како што се селен, цинк итн.
Најдобро е да се јаде лимон и ананас во комбинација со нелупени јаболка и да се пие зелен чај, кој врши детоксикација на организмот. Исто така се препорачува и жен шен чај. Лукот и кромидот се секогаш добредојдени намирници кои ублажуваат алергиски симптоми, посебно кога станува збор за алергиски ринитис и се одлични за зајакнување на имунитетот.
Кај лицата кои се алергични на полен, најдобро е месец, до месец и половина пред цветањето на растенијата, секој ден да се јаде по една лажица домашен мед.
Копривата е еден од најдобрите природни лекови против алергии. Покрај тоа што го подобрува имунитетот, многу ефикасно сузбива алергиски реакции. Најдобро е да пиете чај од свежи листови коприва преку цел ден на тој начин во голема мера ќе си помогнете во спречувањето на алергиите. Чајот се припрема така што 5 лажици иситнети свежи листови од коприва се преливаат со 1 литар вода која врие. Потоа се остава околу 15 минути, по што се процедува и се пие во текот на еден ден. Свежата коприва може да ја исечкате и да ја ставите во салата.
Сопрете го течењето од носот
За да се намали течењето од носот, се препорачува инхалација со чаеви од жалфија и камилица, како и инхалација со етерични масла од нане, рузмарин, чајно дрво и еукалиптус. Исто така, добро е да се прави испирање на носната шуплина со раствор од вода, морска сол и сода бикарбона. Растворот се прави така што на половина шолја вода се става лажичка морска сол и половина лажичка сода бикарбона.
Целерот и магдоносот се одлични антихистаминици и треба што почесто да ги користите во исхраната во случај на алергии. Од целерот, во комбинација со мед можете да направите и сок.
Еден од најдобрите антихистаминици е црниот кумин. Маслото од ова растение веднаш ги ублажува симптомите на алергија, а со редовна употреба помага за нивно целосно повлекување.
Овие се само некои од природните лекови кои го зајакнуваат имунитетот и спречуваат појава на алергии и лачење на хистамин. Најголемиот број од нив се корисни за скоро сите видови на алергии, а има и такви кои помагаат исклучиво за одредени. Во секој случај, доколку сметате дека е потребно консултирајте се со вашиот лекар.
Ви препорачуваме да прочитате: Што се алергии на храна и како да се справите со нив.