Знаете ли дека може да уживате во омилениот сутлијаш без притоа да водите сметка за калориите и здравјето? Имаме нов супер рецепт за сутлијаш со интегрален ориз, приготвен во нашата кујна и тоа со голема љубов за сите љубители на десерти кои сакаат да ги намалат килограмите, активно вежбаат или водат сметка за начинот на исхрана.
Од наведената количина ќе добиете 4 порции. Што се однесува до нутритивната анализа која сигурно ќе ве интересира, еве ги вредностите за една порција: 220 калории, 40 грама јагленихидрати, 2 грама масти и 9 грама протеини.

Состојки:
- 1 чаша интегрален ориз
- 3 чаши вода
- 2 лажици ванила во прав
- стевиа или друг засладувач по вкус
- 1 чаша нискомаслено млеко
- цимет по вкус.
Подготовка:
- Оризот исчистете го и измијте го убаво со ладна вода. Ставете го во поголемо тенџере и додајте ја водата. Варете на умерена температура за време од 20 до 30 минути, додека оризот омекне.
- Потоа, тенџерето тргнете го од огнот и поклопете го со капак. Оставете го 2 до 3 часа, додека оризот ја апсорбира преостаната вода.
- Тенџерето вратете го на огнот и додајте ванила во прав, стевиа по вкус и млеко. Варете го сутлијашот за време од две до три минути, додека се згусти.
- Потоа, тенџерето тргнете го од огнот и сутлијашот турете го во чисти садови. Оставете го да се излади и декорирајте го со цимет во прав. Послужете го изладениот сутлијаш со интегрален ориз и уживајте во здравиот и сладок десерт!
Ви предлагаме да прочитате: Напиток од банана со вкус на ванила.