Овошен ладен десерт во чаша со цреши, јагоди и вишни 1

Овошен ладен десерт во чаша со цреши, јагоди и вишни

Инспирирани од топлите денови, направивме вкусно освежување и ароматично засладување. Иновативно и креативно, а што е најважно брзо и лесно изненадување за семејството и пријателите. Ги обожаваме десертите во чаша, а црешите, јагодите и вишните кои ги имаме во изобилство периодов беа наша мотивација. Така се роди и идејата за овошен ладен десерт во чаша со најубавото јагодесто овошје.

Овој сладолед може да го направите со овошје по избор, со што ќе добиете нов летен вкус! Време е да започнеме и да ви кажеме што ни беше потребно и како го направивме овој сладок десерт. Од наведените состојки ќе добиете 4 порции.

Овошен ладен десерт во чаша со цреши, јагоди и вишни 3

Состојки:

  • 200 грама наполитанки
  • 2 лажици чоколаден крем
  • 500 мл сладолед од ванила
  • 1 чаша микс од овошја (цреши, јагоди и вишни)
  • ½ чаша вода
  • 1 лажица кафеав шеќер
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • ½ лажица густин
  • слатка павлака или шлаг пена за декорација
  • свежи цреши, јагоди или рибизли по избор за декорација.
Овошен ладен десерт во чаша со цреши, јагоди и вишни 5

Подготовка:

  1. Црешите и вишните ги чистиме од семките. Овошјата ги ставаме во мал сад и ставаме една лажица кафеав шеќер. Во садот ја додаваме водата и ванилиниот шеќер. Потоа, садот го ставаме на оган на умeрено висока температура. Штом течноста зоврие, вариме уште 2 до 3 минути, па садот го тргаме од огнот и оставаме овошјата кратко да се изладат.
  2. Половина од овошјата заедно со течноста ги ставаме во блендер. Миксираме околу 30-тина секунди за да се добие хомогено пире. Пирето од овошје го ставаме во сад на оган.
  3. Густинот го разматуваме со малку вода и го додаваме пирето од овошје. Вариме минута до две додека пирето се згусти. Овошното пире го оставаме да се излади.
  4. Наполитанките ги кршиме и ги мешаме со чоколадниот крем.
  5. Во чашите ставаме 2 до 3 лажици од овошното пире. Чашите ги ставаме во замрзнувач за време од 30 минути, додека пирето се замрзни. Потоа во чашите ставаме 1 до 2 лажици сладолед од ванила. Врз сладоледот ставаме од кршените наполитанки. Врз нив, повторно ставаме сладолед. Вака приготвените чаши кратко ги ставаме во замрзнувач.
  6. За тоа време ја матиме слатката павлака или шлаг пената. Овошниот сладолед во чаша го декорираме со изматената слатка павлака и свежо овошје. На здравје!
Овошен ладен десерт во чаша со цреши, јагоди и вишни 4 Овошен ладен десерт во чаша со цреши, јагоди и вишни 2

Ви предлагаме да прочитате: Fantasia Brownie –  брз колач кој може да го направи секој.

Сподели: