Се прашувате што да појадувате денес? Засладете се со секогаш посакуваната овошна салата, овој пат во летна верзија со додаток на чија семе, која е креирана во кујната на Сѐ за храна. Изобилува со витамини, минерали и растителни влакна, а ќе ви даде и енергија која е потребна преку денот.
За да ја направите потребни ви се праски, кајсии, јагоди, аронија и чија семе, и малку слободно време. А еве подетално зошто се одлучивме за оваа комбинација.
Праските се нискокалорични и се погодни за честа консумација. Една голема праска има помалку од 70 калории и содржи 3 грама растителни влакна, кои го подобруваат варењето на храната и го регулираат нивото на холестерол. Кајсиите се богати со ликопен, каротеноид кој е значаен за здравјето на белите дробови и превенира одредени типови на рак. Покрај тоа, присуството на бета каротен во нивниот состав и помага на кожата да се заштити од штетното влијание на ултравиолетовите зраци. Јагодите се богати со биотин кој овозможува подобрување на цврстината на ноктите и косата. Елагичната киселина која ја содржат ги штити еластичните влакна кои се дел од нашата кожа и на тој начин спречуваат стареење и набрчкување на кожата. Аронијата е мало бобинкасто овошје кое спаѓа во групата на најздрави овошја во светот, а интересно е што се смета дека е помошник на здравјето во заштита од уживањата на технолошката ера, а тоа се компјутерите и мобилните телефони кои секој од нас ги има и користи во секојдневниот живот! Чија семето помага за намалување на телесната тежина, го зголемува чувството на ситост и е најбогат извор на омега 3 масни киселини.

Состојки:
- 2 праски
- 2 кајсии
- 10 јагоди
- 10 зрна замрзната или свежа аронија
- 1 до 2 мали лажички чија семе.
Подготовка:
- Праските измијте ги и излупете ги. Потоа пресечете ги на четвртини или помали делови.
- Кајсиите измијте и исечете ги на тенки листови.
- Јагодите измијте ги. Во длабока чинија ставете ги праските, кајсиите, јагодите, аронијата и чија семето. Измешајте ги и оставете ги за време од 10 до 15 минути, за да може чијата да впие од сокот од овошјето.
- Потоа, свежата и освежителна овошна салата со чија семе послужете ја. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Чија овошна салата.