Нашата земја е позната по разните специјалитети со пиперки. Така, во оваа прилика ви предлагаме да пробате печени пиперки во киселомлечен сос кој е одличен и доколку сакате да макнете со залак леб.
Количината на пиперки можи да варира од наведената бројка во зависност од големината и сортата. Може да се користи било каква сорта на пиперки, а оној кој сака луто може да си направи со лути пиперки. Има мала разлика во густината доколку се користи кисела павлака наместо кисело млеко, што секако зависи од вкусот и желбата на консументите.
Состојки:
- 400 гр кисело млеко или кисела павлака
- 1 лажиче винска киселина
- 1 лажиче песто сос
- 1/2 лажиче мешавина од италијански зачини
- 1 лажиче сенф во прав
- 1/2 лажиче сол
- прстофат шеќер
- 3-4 лажици маслиново масло
- 2-3 чешниња лук
- малку магдонос за декорација
- 10-тина пиперки.
Подготовка:
- Пиперките испечете и излупете ги. 2-3 оставете цели за декорација, а останатите искинете ги на поситни парчиња.
- Потоа во нив додадете ја киселината, 1-2 лажици масло, пресованиот лук, посолете и убаво измешајте.
- Во одделен сад измешајте го киселото млеко со песто сосот и останатите состојки, па на крај измешаните состојки додадете ги во садот со пиперките.
- Во горниот дел на смесата полека размешајте уште една лажица маслиново масло, ставете ги целите пиперки со се рачки и декорирајте со ситно сечкан лук и магдонос.
Рецептот го испратил: Клара Бос.
Ви препорачуваме да прочитате: Печени полнети пиперки со урда.