Тестенините се омилена храна на многумина, а често се прашуваме како да ги подготвиме за да биде вкусот малку поинаков од онај на кој секојдневно сме навикнале. Овој пат ви предлагаме да пробате печени тестенини со брокула и карфиол како интересна и вкусна варијанта полна со зеленчук и хранливи материи.

Состојки:
- 250 гр кратки тестенини
- 400 гр брокула
- 200 гр карфиол
- 250 гр рикота или урда
- 2 – 3 чешниња лук
- по потреба маслиново масло
- по потреба сол и црн пипер.
За прелив:
- 3 јајца
- по потреба пармезан
- по потреба путер и лебни трошки за тавата за печење.
Подготовка:
- Брокулата и карфиолот искинете ги на помали парчиња и ставете ги да се варат во посолена вода околу 5-6 минути, а потоа исцедете ги и оставете ги на страна.
- Тестенините сварете ги во посолена вода според препораките на паковањето, па исцедете ги.
- Во тава со 5-6 лажици маслиново масло малку пропржете го лукчето само колку да пушти мирис.
- Додајте ги брокулата и карфиолот и измешајте.
- Тавата тргнете ја од огнот и додајте ги тестенините и рикотата или урдата.
- Додајте сол и црн пипер по вкус и измешајте.
- Рерната вклучете ја да се загрее на 200 степени.
- Помало плехче намачкајте го со путер и посипете го со лебни трошки.
- Смесата од тестенини турете ја во плехчето и порамнете ја.
- Јајцата изматете ги со вилушка со малку сол и прелијте ги над тестенините.
- Одозгора попрскајте ги со масло и ставете ги да се печат 15-20 минути.
- Послужете ги топли посипани со пармезан.
На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви предлагаме да прочитате: Потпечени макарони со свежи шампињони и кашкавал.