печено свинско месо со зачини

Печено свинско филе со зачини во сос од кечап

Сочно печено месо, пире и богат сос! Специјалитет како од рестораните, но овој пат, приготвен во вашиот дом од внимателно избрани и квалитетни состојки. Ако сте во потрага по нов, но лесен рецепт со кој ќе го изненадите семејството или пак гостите кои ги очекувате на вечера, ова е идеална прилика за вас. 

Направете сочно печено свинско филе со богата арома на зачини, доматен сос и пире за комплетно надополнување на вкусовите. Најдобро од сѐ е што не мора да поминувате часови во кујната, а сепак ќе имате гурмаско јадење. Со малку труд и мешавина од зачини ќе добиете вистинска магија на вкусови! Би рекле, нешто што дефинитивно вреди да се проба!

печено свинско месо со зачини

Состојки:

  • 2 парчиња свинско филе (можете да искористите кременадли или сечкано месо по желба)
  • 1 лажичка лук во прав
  • ½ лажичка сол
  • ½ лажичка мелен црн пипер
  • 1 лажичка кромид во прав
  • 1 лажица масло.

За сос:

  • 1 чешне лук
  • 1 лажица масло
  • ½ чаша кечап
  • 2/3 чаша вода
  • 1 мала лажичка црвена пипер
  • 2-3 лаворови листови
  • сол
  • мелен црн пипер.

За инстант пире од компири:

  • 1 кесичка инстант пире
  • ½ литар вода
  • 1 лажичка сол
  • ¼ литар млеко
  • 1 лажица путер.

Подготовка:

  1. Свинското филе измијте го.
  2. Зачините измешајте ги во помал сад.
  3. Миксот од зачини нанесете го на свинското филе. Добро истријте го месото за да се впијат зачините.
  4. На загреана тава ставете маслиново масло или путер да се загрее. Врз загреаното масло ставете го свинското месо и пржете го околу 2 минути од двете страни за да добие фина кора.
  5. Лукот ситно исечкајте го. Во длабок сад ставете ги сечканиот лук, маслото, кечапот, водата и црвената пипер. Измешајте и зачинете со сол и мелен црн пипер по вкус. Доколку сте љубител на сосови, додајте уште вода.
  6. Сосот ставете го над запрженото месо. Во тавата додајте ги и листовите лавор.
  7. Потоа, тавата со свинско месо ставете ја во претходно загреана рерна на 200 степени и печете го околу 20 минути.
  8. Во меѓувреме пригответе го пирето. Во тенџере на оган ставете ½ литар вода да се вари. Штом водата зоврие додајте сол и тргнете го тенџерето од огнот.
  9. Во тенџерето додајте ги млекото и содржината од кесичката за пирето. Измешајте и додајте го путерот. Оставете го пирето околу 10-тина секунди.
  10. Откако печеното месо ќе го извадите од рерна завиткајте го во фолија и оставете го да одмори 5-10 минути, па исечете го на парчиња. На тој начин месото ќе ги задржи сите сокови и нема да биде суво.
  11. Во чинијата ставете од приготвеното пире, бланширан зеленчук по желба и парчиња месо. Додајте сос и послужете го јадењето додека е топло.

Ви препорачуваме да прочитате: Сочни кременадли во сос.

Сподели: