„Ова е најдобриот рецепт за подготовка на пилешки копанчиња од крилца! Дома сите ги обожаваат, па одлучив да снимам кратко видео од подготовката и да ве поканам да го испробате рецептот во првата прилика. Верувајте ми, една доза ќе биде малку. Ако обожавате пилешко месо и сте љубители на лута храна, ова е вистинскиот рецепт за вас. Пикантен специјалетет кој ќе ве воодушеви, а она што го прави посебен е познатиот американски сос. “ – вели Марија Кочовска уредник и фудблогер од нашиот тим.
„Сигурно сте пробале крилца подготвени на разни начини. Денес ви предлагам да ги пробате овие пилешки копанчиња од крилца кои се подготвуваат толку лесно што и почетниците во кујната може да се впуштаат во „авантура“ и да ги направат. Па драги пријатели, што чекате, засукајте ги ракавите и право во кујната!“ – додава Марија.
Состојки:
- 1 кг пилешки крилца (пилешки копан од крилца)
- 1 лажичка прашок за печиво
- сол и црн пипер по вкус
- 1 лажичка лук во прав.
За Бафало сос:
- ¼ чаша растопен путер
- ¼ чаша лут сос (јас користев срирача)
- ¼ чаша кечап
- 1 лажичка кафеав шеќер.
Подготовка:
- Рерната пуштете ја да се загрева на 200 степени. Во тавата за печење ставете нелеплива решетка.
- Пилешките крилца исушете ги со кујнска хартија и ставете ги во посебен сад.
- Во помал сад измешајте ги прашокот за печиво, лукот во прав, солта и мелениот црн пипер. Смесата додајте ја во садот со пилешките копанчиња и измешајте.
- Пилешките копанчиња од крилца наредете ги на решетката и ставете ги да се печат околу 20 минути. Потоа, превртете ги од другата страна и печете уште 20-30 минути.
- Кон крајот на печењето, подгответе го Бафало сосот. Путерот растопете го. Ставете ги сите состојки во посебен сад и измешајте за да добиете хомогена смеса.
- Печените пилешки крилца извадете ги во длабока чинија. Прелијте ги со Бафало сосот, измешајте и повторно наредете ги на решетката. Печете ги дополнителни 3 до 5 минути.
- Печените пилешки крилца сервирајте ги додека се топли со бел сос и свежа салата по избор. На здравје!
Подготовката може да ја погледнете и на видеото:
Совети плус:
- За уште подобар вкус, крилцата послужете ги со бел сос. За да го направите потребни ви се: 2 лажици павлака, 50 мл јогурт, лук во прав, сол и оригано. Измешајте ги сите состојки, сервирајте и послужете.
- Пред печење, тавата може да ја обложите со алуминиумска фолија, па над неа да ја ставите решетката со пилешките копанчиња.
- Организирајте пикник со вашите најблиски, и наместо да ги печете во рерна подгответе ги на скара. Ќе бидат исто сочни, но ќе бидат многу повкусни!
Препорака од авторот:
Пикантните пилешки копанчиња од крилца во комбинација со Бафало сос се одлична идеја за денешниот ручек или за мезе со пријателите! А ако си во потрага и по други рецепти и идеи, посети ги моите профили на социјалните мрежи и заследиме на:
- Instagram – @kocovska.marija
- Facebook – Marija Kocovska
- Youtube – Marija Kocovska
- Tik Tok – @marija.kochovska.
Автор на рецептот и фотографиите: Марија Кочовска, @kocovska.marija.
Ви препорачуваме да прочитате: Печени пилешки копанчиња од крилца на мексикански начин.
Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.
*Рецептот е овозможен од Слога.