„Многу мека погача која топло ви ја препорачувам.“ – така започна Катерина М. со описот на рецептот! Нам ни беше многу привлечна, а и мора да признаеме дека ни беше уникатна идејата да се проба вкусна полнета погача. Изборот за фил ни се допадна, па ја пробавме во истата варијанта. Задоволни од вкусот, ви препорачуваме да ја пробате и вие!
Еве и што друго ни кажа Катерина како совет и насока: „Испечената погача оставете ја малку да подолади пред да ја послужите за да има поубав пресек. Кај нас се беше на брзина, па не успеав на главната слика да доловам убав пресек.“ Во секој случај, вкусот е потполно уживање, а доколку сакате филот променете си го по желба. А, еве што ви е потребно.
Состојки:
За тесто:
- 300-350 г брашно
- 100 мл кисело млеко
- 100 мл млеко
- 50 мл растопен путер
- 1/2 коцка свеж квасец
- 1 рамно лажиче прашок за печиво
- 1/2 лажиче сол
- 1/2лажиче шеќер
- 1/2 лажиче куркума
За фил:
- 320 г пилешки гради
- 1 тиквичка
- 2 чешниња лук
- 250 г моцарела
- 1 лажиче кари
- маслиново масло, сол и црн пипер по потреба
За премачкување:
- 1 мало јајце
- 1 лажица растопен путер
За посипување:
- сусам и ленено семе по вкус.
Подготовка:
- Започнете со подготовка на тестото. Во сад ставете го топлото млеко, квасецот и шеќерот. Измешајте и оставете да нарасне.
- Потоа во садот додајте ги млекото, јогуртот, растопениот путер, солта, печивото и куркумата. Измешајте убаво со жица.
- После тоа, со постепено додавање на брашното замесете средно меко нелепливо тесто. Покријте со крпа и оставете да нараснува додека го спремате филот.
- Подгответе го филот. Пилешките гради исечете ги на мали коцки. Посолете и наросете со црн пипер и ставете ги во тава со малку маслиново масло да се подзапржат. Околу 10 минути се доволни за месото да остане сочно.
- Извадете го месото од тавата и во истата тава додајте ја ренданата тиквичка и сечканото лукче. Пржете кратко, додека малку омекне тиквичката.
- Моцарелата исечете ја на коцки.
- Откако тестото ќе нарасне поделете го на 2 дела.
- Од првиот дел расукајте кора колку големината на плехот во кој ќе печете (големина бр.28).
- Ставете ја кората во плехот премачкан со масло.
- Врз кората нанесете ја тиквичката, потоа пилешките гради и на крај коцките моцарела.
- Расукате ја и другата кора, а потоа ставете ја врз филот и нежно подвиткајте ја под долната кора за да се оформи убаво погачата.
- Со виљушка разматете го јајцето и растопениот путер.
- Премачкајте ја убаво погачата и посипете со сусам и ленено семе.
- Оставете ја да нараснува, додека се загрее рерната на 200 степени. Печете 15 до 20 минути. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви препорачуваме да прочитате: Солено бухтле – солена погача со фил.