Секој ден треба да јадеме нешто, а нели е прекрасно кога на трпезата имаме сервирано некој нов вкус!? Ви предлагаме да го пробате нашиов рецепт за полнети пиперки со ориз и туна, кој ќе ве „прошета“ по нови дегустативни патеки!
Комбинацијата на состојките е многу интересна и испробана од вештата Невена, што е навистина голема потврда за добриот вкус. Да го направиме и ние дома!

Состојки:
- 4 големи меснати црвени пиперки
- 1 чаша (од 200мл) ориз
- 1/2 мала главица кромид
- 1 среден морков
- 4 лажици замрзнат грашок
- 1 конзерва туна (160-180 гр)
- сол и црн пипер по вкус.
Подготовка:
- Најпрво ставете вода во тенџере на оган и оставете го да зоврие.
- Во него додајте ги оризот и ситно исечканиот морков.
- По неколку минути додајте го ситно исечканиот кромид и грашокот, па продолжете со варењето додека оризот омекне. Доколку користите грашок од конзерва додајте го на крај заедно со туната.
- Исцедете го оризот од водата и оставете го малку да се излади.
- Додајте ја туната заедно со маслото, посолете по вкус и измешајте. Оставете го настрана.
- Пиперките исечете ги по должина на половина, извадете го семето и малку посолете ги.
- Ставете ги во плех, претходно намачкан со масло и ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени за време од околу 20 минути, а може и пократко зависно од шпоретот или желбата.
- По изминатото време извадете ги од рерна и внимателно со лажиче наполнете ги со подготвениот ориз.
- Вратете ги во рерната да се допечат уште 20-тина минути.
Вака подготвените пиперки можат да се послужат како предјадење од риба или како главно јадење со некоја салата.
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви препорачуваме да прочитате: Брзи уштипци од туна и ориз.