Модрите патлиџани нудат бројни можности за подготовка на вкусни јадења. Тие се вкусни и кога се подготвуваат со месо, но и во посни јадења. Наш денешен предлог за ручек се полнети „чамчиња“ од модри патлиџани. Овој фантастичен рецепт ни доаѓа од кујната на Лана, а тоа е доволно за да знаете колку е вкусен.
Има многу рецепти за полнети „чамчиња“. Пазарите изобилуваат со овај интересен зеленчук со примамлива боја. Па, ајде да го искористиме и да направиме интересни јадења со него. Најчесто се полнат со фил од месо, а овој пат ви претставуваме една малку поинаква вегетаријанска варијанта. Иако ова јадење не е со месо, тоа е вкусно и вреди да се проба.

Состојки:
- 2 поголеми модри патлиџани
- 1 главица кромид
- 2 моркови
- 2 пиперки
- 1 домат
- 1 помала чаша ориз
- сол по вкус
- црн пипер по вкус
- сечкан магдонос по желба
- лебни трошки
- пармезан по вкус.
Подготовка:
- Модрите патлиџани измијте ги, по должина исечете ги на половина, па малку посолете ги.
- Морковите, пиперките, доматот и кромидот добро измијте ги, исчистете ги и исечкајте ги на коцки. Доматот по желба излупете го од лушпата.
- Модрите патлиџани издлабете ги од средишниот дел. Средишниот дел исечкајте го на коцки.
- Сечканиот кромид, пиперките, морковите, доматите и средишниот дел од модрите патлиџани запрежете ги на загреано масло.
- Потоа, во запржениот зеленчук додајте и една чаша ориз и вода колку да го прекрие зеленчукот. Посолете и зачинете по вкус.
- Сѐ заедно динстувајте околу 15 до 20 минути и на крај поросете со сечкан магдонос.
- Со готовата смеса наполнете ги издлабените модри патлиџани.
- Вака подготвените модри патлиџани наредете ги во плех со малку вода и поросете ги со лебни трошки. По желба може да ги поросите и со малку пармезан.
- Печете ги во загреана рерна на 250 степени, околу 20 минути. Послужете ги додека се топли. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Мусака од модри патлиџани.