посни бомбици со кикирики и бело чоколадо

Посни бомбици со кикирики и бело чоколадо

Нова комбинација за сите љубители на брзи и едноставни рецепти! За полесни пости и убави празнични трпези, ви приготвивме посни бомбици со кикирики и бело чоколадо. Овој рецепт е дел од априлскиот број на списанието Добра храна, а вториот рецепт ќе го објавиме наскоро. 

Инспирација за подготовка на посните бомбици ни беа посните Сникерс бомбици. A овој пат ги пробавме со бело чоколадо кое му даде посебна арома.

посни бомбици со кикирики и бело чоколадо

Состојки:

  • 100 мл вода
  • 2 лажици шеќер
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 200 грама посно бело чоколадо
  • 300 грама толчени или крупно мелени кикири за колачи
  • 200 грама толчени или крупно мелени посни бисквити.

Приготвување:

  1. Водата, шеќерот и ванилиниот шеќер ставете ги во сад на оган. Повремено мешајте ги за да се растопи шеќерот.
  2. Чоколадото искршете го на коцки.
  3. Штом шербетот зоврие, садот тргнете го од огнот и додајте 100 грама чоколадо. Мешајте две до три минути за да се растопи чоколадото.
  4. Во садот додајте ги мелените бисквити и 200 грама мелени кикирики. Измешајте за да се добие хомогена смеса. Оставете смесата кратко да се излади за време од 10 до 15 минути.
  5. Од изладената смеса формирајте бомбици. Бомбиците ставете ги во замрзнувач за време од 2 до 3 часа, а најдобро е преку ноќ.
  6. Преостанатото чоколадо растопете го во сад на пареа или во микробранова печка. Бомбиците чоколадирајте ги и декорирајте со преостанатите кикирики. Повикајте ги пријателите и послужете ги со кафе!
посни бомбици со кикирики

Ви предлагаме да прочитате: Празнични бомбици со бело чоколадо и лешници.

Сподели: