Поинакви се, со многу убав полн вкус и тоа филот може да го избереме по наш вкус. Слатка фантазија! Да ги направиме и да каснеме и ние од рустичните и посни компир крофни со фил!
„Тесто од компири обожавам, па од љубопитност решив да се ставам на проба за да видам какво е благото тесто со компири. Одлучив да спремам крофни, но полнети, некако повеќе ги сакам. Верувајте крајниот резултат беше фантазија. Меки, ароматични, превкусни.“ – ни кажа Кате. Рецептот е тука.

Состојки:
За тесто:
- 500 гр лупени компири
- 500 гр брашно
- 100 гр шеќер
- нешто помалку од 1/2 свеж квасец
- 200-220 мл оризово млеко
За фил:
- слатко од капини или друг вкус по потреба.
За посипување:
- шеќер и цимет по потреба.
Подготовка:
- Компирите излупете ги и ставете ги да се варат.
- Откако ќе се сварат оставете ги убаво да се оладат, па изрендајте ги.
- Во длабок сад ставете го брашното, ренданите компири,шеќерот и изронетиот квасец.
- Со постепено додавање на топлото оризово млеко замесете тесто.
- Покријте и оставете да стаса 1 час.
- Од стасаното тесто кинете парчиња и со раце првин развлечете ги во должина, а потоа потсплескајте ги.(како на сликата)
- Ставете од слаткото и внимателно преклопете.
- Спојте ги убаво краевите и пржете ги во голема количина масло.
- Испржените крофни додека се топли свалкајте ги во мешавина од шеќер и цимет.
Забелешка: Бидејќи станува збор за тесто со компири, може да ви биде малку лепливо, затоа при обликувањето посолувајте со брашно.
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви препорачуваме да прочитате: Печени полнети крофни со фил од кафе.