посни крекери 1

Посни крекери од семиња без брашно

Во последно време сме во потрага по вкусни, лесни и здрави грицки за долгите филмски вечери. А, и сакаме да експериментираме во кујната. Па, така, пробувајќи разни комбинации од семиња, го добивме рецептот за посни крекери и тоа без употреба на брашно.

Крекерите без брашно се супер идеја за сите оние кои постојано сакаат да грицкаат нешто, а сепак внимаваат на својата линија. Овие здрави грицки содржат низок процент на јаглехидрати и содржат здрави масти.

Посни крекери од семиња без брашно

Состојки:

  • ½ чаша ленено семе
  • ½ чаша семки од сончоглед
  • ½ чаша сусам или семки од тиква
  • ¼ чаша млака вода
  • прстофат хималајска сол
  • зачини по желба: буковец, црн пипер, босилек, чили…
  • по потреба 2-3 лажици мелени семки по желба за посипување на тестото.

Подготовка:

  1. Лененото семе, сончогледот и сусамот или семките од тиква сомелете ги со сечко или блендер.
  2. Сомелените семиња ставете ги во длабок сад. Додајте ја водата, зачинете и измешајте. Почекајте 10-15 минути додека семките ја впијат водата.
  3. Смесата поделете ја на два дела.
  4. Исечете две поголеми парчиња хартија за печење. Едниот дел од смесата ставете го помеѓу двете парчиња хартија. Истото направете го и со вториот дел.
  5. Расукајте ги тестата за да се истанчат отприлика до 2 мм дебелина. По потреба посипете со мелени семки за да не се залепат тестата.
  6. Извадете форми од смесата со помош на помала чаша или калап за крекери.
  7. Формираните крекери ставете го во плех обложен со хартија за печење.
  8. Печете во претходно загреана рерна на 150 степени, околу 10 минути. Бидете многу внимателни затоа што крекерите може брзо да изгорат.

Совет плус: Сусамот може да им даде малку горчлив вкус на крекерите, па може да го замените со семки од тиква.

Ви препорачуваме да прочитате: Здрави солени бисквити без глутен.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: