„Овој стар рецепт од вештите раце на мајка ми е врв во мојата кујна. Секогаш кога сакам нешто да замесам, а да не ми одзема време со радост ги правам овие лепчиња меки како душа. Лесна изработка, а крајниот ефект уште повеќе произведува радост. Да напоменам уште и дека се посни.“ – вели Билјана за нејзините посни меки бобици.
Ја обожававме брзата и лесна подготовка на печива. Барајќи на интернет, наидовме на рецепт за бобици на блогот на Билјана. Ѝ благодариме за можноста да споделиме нејзин рецепт на нашата веб страна.
Состојки:
- 700 г брашно
- 1 квасец
- 4 лажици шеќер
- 1 лажица сол
- 5 лажици масло
- 300 мл топла вода.
Подготовка:
- Во сад за месење ставете ги квасецот со малку млака вода, 2-3 лажици брашно и 1 лажиче шеќер. Измешајте за да се растопи квасецот. Оставете го 5-10 минути за да нарасне.
- Во садот додајте ги преостанатите состојки и замесете средно меко тесто. Тестото оставете го 30 минути да нарасне.
- Потоа пак премесете го и поделете го на 16 еднакви делови. Од секој дел формирајте топче.
- Топчињата наредете ги во плех претходно обложен со хартија за печење. Оставете ги уште малку да нараснат.
- Во меѓувреме, додека топчињата да нараснат, загрејте ја рерната на 200 степени. Лепчињата печете ги во загреаната рерна 15-тина минути додека поруменат. Печените посни меки бобици извадете ги од рерната и покријте ги со кујнска крпа за време од 5 минути. Потоа послужете ги топли или ладни. На здравје!
Автор на рецептот: Билјана Гушевска, @biljanoteka.
Ви препорачуваме да прочитате: Домашни лепчиња со маслинки.