Посни нудли со зеленчук 1

Посни нудли со зеленчук

Веруваме дека кога некој сака да готви, има страст да проба јадења од разните кујни. Така ја добивме инспирацијата да ви го прикажиме овој вкусен рецепт на Бетина. Како велат, една слика, илјада зборови, па штом ги погледете вака убаво сервирани запржениве посни нудли со зеленчук, останува само да се одреди време и друштво кога да се пробаат!

Ние сме нетрпеливи да ги приготвиме, а вие?! – Еве го рецептот.

Посни нудли со зеленчук 2

Состојки:

  • 250 г кинески нудли (за замена може најтенки шпагети)
  • 2 чешниња лук
  • 1 парче свеж ѓумбир (околу 1 см)
  • 150 г шампињони
  • 2 моркови
  • 1 страк праз
  • 1 врзоп млад кромид
  • 1 тегличка никулци од златен грав (или никулци од соја)
  • 1/2 лажичка чили во прав
  • 5 лажици соја сос
  • цол и црн пипер по вкус
  • 1-2 лажички масло од сусам
  • 2-3 лажици масло од кикирики.

Подготовка:

  1. Во тенџере ставете вода за да зоврие и додадете сол. Откако ќе зоврие, ставете ги нудлите и тргнете го тенџерето на страна. Оставете така да отстојат 4 минути, па потоа промешајте ги со виљушка за да се одлепат една од друга. Процедете и тргнете ги на страна.
  2. Зеленчукот исечкајте го и тоа, лукот на ситно, шампињоните на листови, морковите на тенки ленти, празот на полукругови, кромидот ситно, а ѓумбирот ситно изрендајте го. Никулците ставете ги во цедалка да се цедат.
  3. Во вок тава ставете го маслото од кикирики да се загрева.
  4. Додадете ги лукот и ѓумбирот. Пржете кратко, додека лукот замириса, па ставете ги шампињоните. Пржете ги 1 минута со постојано мешање или превртување.
  5. Додадете ги морковите и пржете повторно 1-2 минути.
  6. Додајте го и празот и исто пржете го 1-2 минути.
  7. На крај додајте ги младиот кромид и никулците. Пржете околу 1-2 минути, па ставете ги чили зачинот, соја сосот и додадете ги сварените нудли.
  8. Промешајте се заедно, пржете уште 1 минута, посолете и набиберете по вкус и јадењето ви е готово. Пред да сервирате, додадете го маслото од сусам. Тоа му го дава на ова јадење оној типичен вкус познат од кинеските ресторани. На здравје!

Совети плус: Наместо нудли (Mie-Noodles) можете да користите тенки шпагети. Во тој случај, шпагетите подгответе ги според упатството на паковката. Може во подготвените нудли да додадете и една рака сечкани несолени кикирики. Шитаке печурките јас ги заменив со шампињони, доколку можете од нив да најдете, употребете ги за овој рецепт.

Важно е зеленчукот да не го препржите. Тој треба да си за зачува бојата, да не ви потемни, туку малку да омекне, а сепак да остане крцкав.

Рецептот го испратила:  B.Kuzevski, zgotvenosoljubov.

Ви препорачуваме да прочитате: Брз сос од авокадо – посен, вегански и хроно.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: