Дали и ти како мене обожаваш вака вкусни колачи да ги пиеш со омиленото кафе? – Ронливи, ароматични, совршени! Ова е вкусот кој ќе ти наврати и тебе топли моменти од детството! Кога и да ги направам овие посни пиварки со гриз, кокос и ореви и ги пробам, чувството е како топла прегратка! – срдечно споделува Катерина Шамбевска Спасеновска уредник и фудблогер од нашиот тим.
Ако се уште го немаш пробано рецептот, сега е одлично време да си го зачуваш или уште подобро да си го запишеш во тетратката за да не се заборави. – додава Катерина, а за повеќе интересни рецепти од неа, погледнете го нејзиниот Инстаграм профил @katerina.shambevska.

Состојки:
- 3 чаши брашно
- ½ чаша гриз
- ½ ќесичка прашок за печиво
- 1 чаша масло
- ½ чаша пиво
*Чашата која ја користам е 250 мл.
Шербет:
- 600 гр шеќер
- 450 мл вода.
Дополнително:
- кокос по потреба
- јатки орев по потреба.
Подготовка:
- Во длабок сад за месење ставете ги брашното, гризот и прашокот за печиво, промешајте со лажица, па додајте ги маслото и пивото, и замесете тесто.
- Направете топчиња со иста големина, а во средината на секое ставете јатка од орев. Или, ако не сакате да ставате орев, со помош на сукало, од тестото исучете кора, па со кружен калап или мала чаша од кората исечете кругови.
- Колачите редете ги во намрсена тава за печење или тава покриена со хартија за печење.
- Печете во загреана рерна на 220 степени, 15 до 20 минути, или додека добијат убава боја, а потоа оставете ги да се изладат.
- Во тенџере на оган ставете ги шеќерот и водата да се варат. Шербетот варете го 5 минути, а потоа оставете го кратко да се излади.
- Изладените колачиња потопете ги во топлиот шербет – оставете ги така 3 до 5 минути да впијат од течноста, зависно од тоа колку меки или крцкави сакате да бидат, а потоа наросете ги или извалајте ги во кокос.
Совети плус:
- Ако сакате да ги изоставите оревите, ви дадов опција во описот на подготовката.
- Наместо ореви, може да ставите парче суво овошје или микс од овошја, преубаво е и така.
- Ако сакате чоколадни пиварки, во смесата за подготовка додајте 1 полна лажица чоколадно какао.
- Кокосот одозгора може да го замените со мелени ореви. На сликата подолу може да погледнете како изгледаат во таа варијанта, а исто ви ставам линк со препорака за тој рецепт од мене.

Ви препорачувам да пробате и: Лесен рецепт за посни пиварки со ореви.
Ако ги пробате рецептите и сакате да ве споделам на моето стори, тагирајте ме или испратете ми порака. Чест ми е кога ве инспирирам, па за многу повеќе испробани рецепти и убави фотографии следете ме на моите профили Катерина Шамбевска Спасеновска на Instagram или Facebook.“ – вели Катерина.
Автор на рецепт и фото: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.