„Овие се колачи кои никогаш нема да ви досадат! Крцкави и со полн јаткаст вкус од ореви, совршени за со утринското кафе! Рецептов за посни пиварки со ореви го подготвува мајка ми со години и ми е меѓу омилените за суви колачи, па со радост го споделувам со сите вас!“ – споделува со нас Катерина од нашиот тим.
И со насмевка, Катерина ни раскажува: „Уживање кое може да се сподели со домашните, пријателите, а децата посебно ги обожаваат, па може да ги спремате и за разни прослави. Убаво е што од само неколку состојки, кои скоро секогаш ги имаме дома, едноставно и брзо може да добиете превкусни колачи.“
Состојки:
За колачи:
- 550 грама брашно
- 1 ќесичка прашок за печиво од Витаминка
- 1 ќесичка ванилин шеќер од Витаминка
- прстофат сол
- 200 мл Брилијант масло
- 200 мл пиво
- ½ чаша сечкани или толчени ореви
- парчиња од јатки орев, по потреба за во секое колаче.
За прелив:
- 1 и ½ чаша шеќер (или 300 грама)
- 1 и ½ чаша вода (или 300 мл)
- 1 ќесичка ванилин шеќер од Витаминка
- цеден сок од половина лимон
За посипување:
- 100 грама мелени ореви.
Подготовка:
- Во длабок сад за месење ставете ги брашното, прашокот за печиво, ванилиниот шеќер, прстофатот сол и сечканите или толчени ореви. Измешајте.
- Во садот додајте ги и течните состојки – пивото и Брилијант маслото. Повторно измешајте ги и замесете тесто кое е убаво изедначено.
- Од тестото оформете долга „векна“ и поделете на парчиња, а притоа планирајте големината на колачите да биде колку орев.
- Од секое делче направете колаче. Прво притиснете го и во средина ставете парче од јатка од орев, а потоа оформете топче. Постапката повторувајте ја додека се потроши тестото.
- Колачите редете ги во намрсена тава за печење или обложена со хартија за печење.
- Печете во загреана рерна на 220 степени, за време од 15 до 20 минути, додека добијат румена боја и станат крцкави.
- Додека колачите се испечат, направете го шербетот. Во тенџере на оган ставете ги шеќерот, ванилиниот шеќер и водата да се варат. Шербетот варете го 5 минути, а потоа додајте го лимоновиот сок и оставете го 3 до 5 минути за малку да се излади.
- Неколку минути откако ќе ги извадите од рерната печените колачиња, топли, потопете ги во шербетот за време од 1 минута ако сакате да се покрцкави, или околу 2 минути ако сакате да се посочни. Веднаш потоа наросете ги со мелени ореви или извалкајте ги во сад со мелените ореви. Уживајте во светот на вкусовите!
Препорака и совет плус од авторот:
Морам да споделам уште еден мал совет со вас. Ако сте љубители на чоколаден вкус и тоа како ви препорачувам, во смесата за подготовка да додадете 1 полна лажица чоколадно какао, а по желба оревите да ги замените со лешници. Неколку пати ја имам направено и оваа комбинација, а вкусот е… како да ви кажам, не се пренесува со зборови, предобар. Вреди да пробате! 🙂
Ако го пробате рецептот и сакате да ве споделам на моето стори, тагирајте ме или испратете ми порака. Чест ми е кога ве инспирирам, па за многу повеќе испробани рецепти и убави фотографии следете ме на моите профили Катерина Шамбевска Спасеновска на Instagram или Facebook.“ – вели Катерина.
Автор на рецепт и фото: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.
Ви препорачуваме да прочитате: Редена баклава со фил од ореви.
Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.
*Спонзориран рецепт.