Креативната Невена ни предлага превкусен рецепт кој е совршен за деновите на пости и за сите кои обожаваат интересни специјалитети. Предлогот за посни плескавици од наут со тиквички е испробано вкусен и ве уверуваме дека ќе биде пожелен во сечиј дом за целото семејство, а на Невена искрено и се заблагодаруваме за прекрасниот рецепт!

Состојки:
- 250 гр наут
- 1 среден компир
- 1 среден морков
- 1 мала глвица кромид
- 2 чешниња лук
- 2 лажици сусам
- 2 лажици сончоглед
- 1 лажиче мешан сув зачин
- по вкус сол и бибер
- по потреба масло
За прилог:
- 2 средни тиквички
- по вкус лук и магдонос
- по вкус сол
- по потреба масло.
Подготовка:
- Наутот ставете го во вода и така оставете го преку ноќ за да впие од водата и да набубри. Другиот ден истурете ја водата, налејте нова и ставете го да вари околу 45 минути додека омене, а потоа исцедете го и оставете го да се излади.
- Компирот и морковот излупете ги и исечете ги на помали коцки. Ставете ги да се варат додека омекнат, па исцедете ги и оставете ги да се изладат. Многу е важно да бидат убаво исцедени и оладени за полесно да се формираат плескавиците.
- Кромидот изрендајте го, а лукот притиснете го низ преса.
- Сите состојки ставете ги во поголем сад и додајте ги сусамот, сончогледот и зачините по вкус, па изблендирајте ги да се формира убава изедначена смеса.
- Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени, а плехот за печење обложете го со хартија.
- Од добиеното смеса, бидејќи е леплива, најдобро со намрсени раце формирајте малку подебели ќофтиња и раздалечени редете ги во плехот. При печењето малку се шират и затоа е добро помеѓу нив да има доволно растојание.
- Одозгора попрскајте ги со масло и ставете ги да се печат околу 25-30 минути за да зафатат коричка.
- Нашиот предлог за прилог се тиквички на скара. Тиквичките излупете ги и исечете ги на лентички или кругови. Посолете ги и оставете ги да пуштат вода, потоа исцедете ги. На загреана грил тава со малку масло испржете ги од двете страни. Кога се готови зачинете ги со лук и магдонос по вкус.
Вие може да ги послужите со прилогот по наш предлог или со друг прилог и салата по желба. На здравје!