тестенини со брокули

Посни тестенини со брокула и грашок

Лесно, брзо и вкусно, па уште и посно! Совршен рецепт за време на пости или кога сакате да зготвите нешто брзо, а богато со здрави зеленчуци за вас и вашето семејство. Овие посни тестенини со брокула и грашок се совршени за ручек или лесна вечера, а ќе им се допаднат на сите, од најмали до најстари!

Дали вашето дете одбива да јаде брокули? Ние имаме супер идеја како да внесете промена во дневното мени и на забавен начин да им ги подобрите животните навики на вашите најблиски. Тестенините збогатете ги со брокула и грашок и ќе добиете совршен оброк. На вакво јадење никој не може да одолее, па дури и најпребирливите дегустатори.

посни тестенини со брокула

Состојки:

  • 400 г замрзната брокула
  • 100 г замрзнат грашок
  • 400 г посни тестенини
  • 3 чешниња лук
  • маслиново масло по потреба
  • ½ лажица сечкана лута пиперка
  • црн пипер по вкус
  • сол по вкус
  • сечкан свеж магдонос по желба.

Подготовка:

  1. Во поголема количина на зовриена посолена вода ставете ги тестенините да се варат. Варете ги 7-10 минути, согласно упатството наведено на пакувањето. Варените тестенини процедете ги.
  2. Брокулата и грашокот обарете ги во солена вода, а потоа добро процедете ги.
  3. Во поголема тава или тенџере на оган, додајте маслиново масло. Во загреаното масло ставете ги сечканиот лук и пиперка, и кратко пропржете ги.
  4. Намалете ја температурата, додајте ги брокулите, грашокот и зачинете со сол и црн пипер по вкус. Кратко пропржете.
  5. Варените тестенини додајте ги во садот со зеленчукот и повторно кратко пропржете додека се соединат вкусовите.
  6. Вака подготвените тестенини со брокула сервирајте ги во чинии, поросете ги со свеж сечкан магдонос и послужете ги додека се топли. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Брз рецепт за печење на замрзната риба.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: