Овие празнични венци со цимет се мирисни, со крцкава кора и мека воздушеста внатрешност. Смесата за тесто е иста како за бриош тестото со путер, додека филот може да го направите по ваша желба. Идејата за овие превкусни венци ја најдовме кај Лана, и во оваа прилика уште еднаш и се заблагодаруваме за прекрасниот рецепт.
А, сега замислете дека овие вкусни венци ги печете во ладно и снежно зимско утро и одеднаш домот се преплавува со прекрасен мирис на печено путер тесто и цимет. Ова е доволен мотив за да ги направите, зар не?

Состојки:
За тесто:
- 500 г брашно
- 25 г свеж квасец
- 80 г путер
- 2 лажици шеќер
- прстофат сол
- 1 јајце + 1 јајце за премачкување
- рендана кора од лимон или портокал по желба
- 250 мл млеко.
За фил:
- 100 г шеќер
- 100 г путер
- 2 лажици цимет
- мелени бадеми по желба.
Подготовка:
- Во сад за месење разматете го квасецот со ½ чаша топло млеко и 1 лажица шеќер. Садот покријте го со кујнска крпа и оставете го на топло место за да се активира.
- Откако квасецот ќе нарасне, во садот за месење додајте ги брашното, солта, шеќерот, растопениот путер, јајцето и кората од лимон.
- Замесете мазно тесто, така што постепено ќе додавате млеко.
- Тестото покријте го со кујнска крпа и оставете го околу 20 минути за да нарасне.
- Потоа, тестото поделете го на 4 дела. Од секој дел оформете топче. Топчињата развлечете ги во правоаголни кори и премачкајте ги со растопен путер на собна температура.
- Циметот и шеќерот помешајте ги и со нив поросете ги развлечените кори. По желба може да додадете и сечкани бадеми.
- Секоја кора завиткајте ја во форма на ролат и со остар нож засечете го по должина. Потоа, сплетете го како плетенка, Постапката повторете ја и со останатите 3 ролати.
- Празничните венци наредете ги на плех обложен со хартија за печење. Премачкајте ги со разматено јајце, а по желба може да ги поросите со шеќер. Оставете ги да нараснат околу 10 минути, додека рерната се загрее.
- Печете ги во загреана рерна на 200 степени околу 20-30 минути додека поруменат. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Празнични бомбици со бело чоколадо и лешници.