Ренот како лек се користел во традиционалната медицина стотини години наназад. Тој е моќен и вкусен зеленчук кој благотворно делува на целиот организам, а особено на синусите, белите дробови, црниот дроб и желудникот. Освен тоа, лутиот и ароматичен рен поволно влијае и на крвниот притисок, варењето на храната, ја подобрува работата на срцето и ги штити нервите од оштетувања.
Нашите баби и дедовци добро знаеле дека може да го користат против болки во зглобовите и мускулите, така што ренот го сечеле на тенки листови и го врзувале на болното место. Во стара Грција бил многу популарен, затоа што го сметале за јак афродизијак, а листовите ги вареле и ги јаделе за зајакнување на имунитетот. Оваа зелјеста повеќегодишна билка е корисна на многу начини, а доколку сакате да се уверите колку е делотворен како лек, во продолжение на текстот ќе ве запознаеме подобро со овој лут борец за вашето здравје.
Ренот припаѓа во групата на зелката, ротквиците и брокулата. Во исхраната претежно се користи коренот од рен како зачин за месо и риба, но никако не треба да се запоставуваат неговите листови. Потекнува од источните делови на Европа и Медитеранот, а потоа се раширил насекаде низ Светот. Во Јапонија е популарен васаби ренот кој има појак и поинтензивен вкус, а најповеќе го обожаваат љубителите на лутата арома.

Лековити својства на ренот
Коренот на ренот содржи многу фитохемиски соединенија како и моќните глукозинолати кои му го даваат карактеристичниот лут вкус и арома. Тој е познат антиоксиданс, кој е ефикасен при неутрализацијата на слободните радикали, па ако сакате да направите детоксикацијата и да го зајакнете имунитетот, ренот како лек е најдобар и најсигурен избор. Исклучително е богат со витамин Ц, па благодарение на тоа помага за ублажување и лечење на вирусните инфекции. Од минералите ги содржи натриумот, калиумот, железото, бакар, манган, цинк и магнезиум. Оваа комбинација од минерали, витамини и антиоксиданси гарантира подобро здравје на коските, зглобовите, срцето и мускулите.
Ренот особено е корисен при:
- проблеми со синусите
- воспаленија на белите дробови
- превенција на канцер
- помага при инфекции на уринарниот тракт
- го намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања
- ја намалува болката при воспалени зглобови
- помага за слабеење.
Со оглед на тоа што овој лековит дар од природата е многу корисен за здравјето, во следниот период очекувајте подетални информации како може да се користи за сите горенаведени проблеми.
Како и со секоја храна, така и употребата на ренот треба да биде умерена, затоа што прекумерната консумација на овој зеленчук може да доведи до одредени непосакувани ефекти. Бремените жени и децата до 5 години треба да ја избегнуваат консумацијата на рен. Исто така употреба на рен не се препорачува кај лица кои имаат проблеми со бубрезите и лица кои имаат ниско ниво на лачење на хормони од тироидната жлезда.
Ви предлагаме да прочитате: Со здрава храна против канцер.