Кога објавуваме некој рецепт од интернационалната кујна, прво истражуваме како се прави оригинално во поднебјето од каде доаѓа, па го пробуваме и потоа го споделуваме со вас. Па, ако сакате да си намачкате за вас или за вашите сакани вкусен домашен и совршен гвакамоле намаз, еве испробан и многу вкусен рецепт!
Ако сакате да го зачувате неколку дена, тоа треба да биде во фрижидер. За најдобро зачувување на вкусот и квалитетот, затворете го во тегличка, а ако веќе го јадете за многу скоро време може да го оставите во садот во кој сте го правеле и да го заштитите со најлонска фолија.

Состојки:
- 2 авокада
- 1 лажица сок од лимета (за замена може да користите лимонов сок)
- 1/2 лажичка сол
- 2 лажици ситно сечкан (црвен) кромид
- 2 лажици ситно сечкан свеж кориандер (за замена може магдонос)
- прсофат црн пипер
- 1 мелено или ситно сечкано чили пиперче
- 1/2 домат со средна големина, издробен на ситни коцки
*Забелешка: Кориандерот често го мешаме со магдоносот, затоа што на лик се многу слични. Како најлесна и најочигледна разлика по која може да знаете за што станува збор е формата на ливчињата. При тоа, кориандерот има заоблени и кружни ливчиња, додека магдоносот има поситни ливчиња со остри врвови.
Подготовка:
- Прво излупете го авокадото и испасирајте го со помош на виљушка.
- Потоа во садот додајте го свежо цедениот сок од лимета и солта, па повторно малку испасирајте.
- Додајте го и претходно припремениот сечкан кромид, па про мешајте.
- Додајте го и ситно сечканиот кориандер.
- Поросете со прстофат црн пипер.
- Додајте го ситно сечканото чили пиперче. По потреба може да го избегнете заради пикантниот вкус на намазот.
- На крај додајте ги и ситно издробените парчиња домат и измешајте за убаво да се соедини вкусот. Намачкајте на парче топол или тостиран леб и на здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Печени полнети печурки со гвакамоле сос.