Вкусно уживање за сите гурмани! Нов рецепт за печени полнети печурки овој пат со гвакамоле сос, дополнети со горгонзола и јатки од ореви.
Сигурно досега сте пробале полнети печурки со фил од кашкавал и салама, нели? А сега имаме поздрава варијанта за полнети печурки со сос од авокадо, домати, кромид и магдонос. Овој рецепт ни доаѓа од кујната на нашата пријателка Диана, која го објави на блогот Trydiani.

Состојки за 2 порции:
- 4 до 6 големи печурки
- 2 лажици соја сос
- 1 лажица балсамико
- ½ мала лажичка ситно сечкан лук
- ¼ мала лажичка мелен ѓумбир
- 1 до 2 лажици масло.
За гвакамоле сос:
- 1 авокадо
- ¼ чаша домати, сечкани на коцки
- ¼ чаша кромид, ситно сечкан
- ¼ чаша свеж магдонос
- ½ мала пиперка, по желба
- ½ до 1 лажица сок од лимета
- сол, црн пипер и ким по вкус.
За декорација:
- 50 грама горгонзола
- ¼ чаша јатки од ореви.
Подготовка:
- Рерната се загрева на 200 степени.
- Печурките се чистат, мијат и се сушат. Се редат во мала тава.
- Соја сосот, баласмико киселината, лукот, ѓумбирот и маслото се мешаат во мала длабока чинија. Од смесата со зачините се става врз секоја печурка, а еден дел се става во тавата. Печурките се оставаат да се маринираат за време од 15 минути.
- Потоа се ставаат во заграната рерна да се печат за околу 10 до 15 минути, во зависност од големината и саканата мекост на печурките. За време на печењето, тавата повремено се вади од рерната и печурките се прелеваат со течноста.
- Печените печурки се вадат и се оставаат кратко да се изладат.
- Во меѓувреме, авокадото се пасира. Во садот со пасираното авокадо се додаваат исечените домати, кромидот, магдоносот и пиперката (без семки). Сосот се меша и се зачинува со сокот од лимета, солта, црниот пипер и кимот.
- Изладените печурки се полнат со гвакамолето, а потоа се декорираат со горгонзола и запчени јатки од ореви. Останатиот дел од глакамолето се става во мали садови и се служи заедно со печените полнети печурки. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Печени печурки со лук и мајчина душица.