Не, ова не се сликани роловани свински шницли од елитен ресторан, туку станува збор за фантастичен рецепт приготвен во кујната на Катерина. Сигурно се изненадивте, нели?
Декорацијата, начинот на подготовка и комбинацијата на состојките, говорат за кулинарската дарба и креативност на нашата Кате. Рецептот е едноставен, но вреди да се проба!

Состојки:
- 4 свински шницли
- 12 суви сливи
- 12 печени несолени кикирики
- 1 лажица путер
- по потреба маслиново масло, сол, црн пипер.
Прилог:
- 3 варени компири
- 1 лажица путер
- 1 гранче свеж рузмарин
- 1 чешне лук
- по потреба маслиново масло, сол, црн пипер.
Подготовка:
- Свинските шницли истолчете ги, посолете и наросете црн пипер.
- Во секоја од сувите сливи ставете по една печена несолена кикирика.
- Врз секоја шницла ставете по 3 сливи, завиткајте во ролат и прицврстете ги со чепкалки.
- Во тава на оган ставете ги путерот и малку маслиново масло.
- Откако ќе се загрее ставете ги ролованите шницли и пржете ги на среден оган.
- Повремено посипувајте ги со мрснотијата во која се пржат. Од испржените роловани шницли извадете ги чепкалките и исечете ги на парчиња.
- Сварените компири исечете ги на кругови, посолете и наросете црн пипер.
- Во тава на оган ставете го путерот да се растопи, па додајте малку маслиново масло да се загрее.
- Во тавата ставете ги гранчето рузмарин и чешнето лук.
- Пропржете ги колку да се ароматизира мешавината од масло и путер.
- Потоа извадете ги, па во тавата додајте ги круговите компир.
- Откако ќе се пропржат извадете ги на кујнска хартија да се впие вишокот мрснотија.
- Ролованите свински шницли послужете ги со пропржените компири и свежа салата по избор.
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: Свински шницли во сос од печурки.