Ако ви досадиле секојдневните начини на припрема на пилешки стек или едноставно сакате да пробате некој нов вкус, еве ви одлична шанса! Направете си ролован пилешки стек во пикантен сос и најадете се со мерак и уживање! 🙂
Рецептот ни доаѓа од кујната на нашата пријателка Лана, испробан е и од неа и од нас, одличен е!

Состојки:
- 2 парчиња пилешки стек
- 4 ленти сланина или свински врат
- 4 листа кашкавал
- 500 гр домати
- 1 главица кромид
- 1 чешне лук
- 2 листа ловор
- сол, чили и црн пипер по вкус
- малку масло по потреба.
Подготовка:
- Доматот кратко избланширајте го во вода која врие, па извадете го и ставете го во сад со ладна вода и излупете го.
- На загреано масло испржете го ситно сечканиот кромид додека стане стаклест на изглед.
- Додајте го и ситно сечканиот лук и исто така запржете го.
- Претходно припремениот домат исечете го на коцки, па додајте го во тавата со кромидот и лукот. Намалете ја температурата и динстајте околу 15 минути или додека сосот се згусне, па претурете го сосот во соодветна тава за печење.
- Пилешкиот стек преполовете го по должина, така што ќе добиете 4 парчиња.
- Во загреана тава со масло додајте го месото, посолете, додајте црн пипер и ловоров лист. Пржете додека порумени од двете страни.
- Извадете го во чинија за малку да се излади, па секое парче замотајте го во лист кашкавал, а потоа во лента сланина или свински врат. За да е добро прицврстено, врзете го на средината со чист коноп.
- Вака припремените ролнички ставете ги врз сосот во тавата и печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени целзиусови, додека сосот благо се згусне, а ролничките се заруменат и кашкавалот се стопи. Јадењето служете го топло и декорирано со свеж босилек. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Пилешко месо во сос од печурки и вино.