Овие ружички со џем од смокви и цимет се совршени за појадок или за слатка ужина, а во комбинација со чаша кафе загарантирано ќе ви го направат денот поубав. Доколку немате мармалад од смокви, може во замена да искористите и некој друг овошен мармалад или џем.
Убавото кај овој рецепт е тоа што тестото може да го подготвите еден ден порано, а утредента само да ги испечете. Сигурни сме дека нивниот вкус ќе ве воодушеви, а нивната мекост ќе ве маѓепса, па ќе ги правите повторно и повторно. Повеќе фотографии од рецептот погледнете на блогот на Лана.

Состојки:
- 500 г брашно
- 25 г свеж квасец
- ½ лажичка сол
- 100 г шеќер
- 100 г растопен путер
- 1 јајце
- 200 мл млеко
- рендана кора од лимон
- 150 мл млеко за преливање
За фил:
- 4-5 лажици мармалад или џем од смокви
- 1 лажичка цимет
Глазура:
- 150 г шеќер во прав
- лимонов сок
- 2 лажици жешка вода.
Подготовка:
- Во сад за месење ставете ги брашното, квасецот, маслото, топлото млеко, шеќерот, солта, растопениот путер и јајцето. Нарендајте и малку кора од лимон и замесете мазно тесто кое нема да се лепи за рацете.
- Садот за месење покријте го со кујнска крпа и оставете го тестото да нарасне околу 20 минути.
- Потоа, од вака подготвеното тесто развлечете една правоаголна кора.
- Потоа, подгответе го филот за премачкување на ружичките. Во џемот од смокви додајте 1 лажичка цимет. Доколку во џемот има покрупни парчиња овошје со помош на рачен блендер изблендирајте го за да добиете хомогена смеса.
- Со вака подготвениот џем од смокви премачкајте го развлеченото тесто.
- Потоа, тестото завиткајте го како ролат по должина и исечете го на 10-12 еднакви делови.
- Плехот за печење премачкајте го со малку масло. Врз премачканиот плех наредете ги ружичките и оставете ги да нараснат околу 10 минути.
- Печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени околу 30-35 минути.
- Кога ружичките се при крај со печење, извадете ги од рерна и прелијте ги со млеко, па вратете ги уште дополнителни 5-10 минути да се допечат.
- Потоа, подгответе ја глазурата. Во длабок сад измешајте го шеќерот во прав со малку лимонов сок и жешка вода. Мешајте се додека ја добиете посакуваната густина.
- Готовите ружички прелијте ги со вака подготвената глазура. По желба, наместо со глазура може да ги поросите се шеќер во прав. Послужете ги додека се топли.
Совет плус: Наместо со џем, ружичките може да го премачкате со путер, шеќер и цимет.
Ви предлагаме да прочитате: Ружички од готови кори со солен фил.