Салата со дајкон, морков и печен сусам

Сигурни сме дека класичните салати ви досадиле, па барате некој нов рецепт. Сѐ за храна е тука да ви помогне при изборот и да ви понуди нови, здрави рецепти кои треба почесто да ги консумираме. Овој пат ви претставуваме многу вкусна салата со дајкон, моркови и печен сусам, која ја креиравме во нашата кујна и топло ви препорачуваме да ја пробате.

Оваа салата од дајкон, моркови и печен сусам, изобилува со растителни влакна, а богата е со витамини, минерали и здрави масти кои ги содржи сусамот. Комбинацијата од дајкон и морков, се користи во светот за детоксикација, враќање на енергијата, подобрување на метаболизмот и зајакнување на имунитетот. А плус тоа ќе ви помогне полесно да ги стопите мастите, да го намалите вишокот на килограми и да ги елиминирате токсините од телото. Ова се доволни причини кои ќе ве поттикнат да ја направите и да уживате во фантастичниот вкус!

салата со дајкон и морков

Состојки:

  • ½ дајкон
  • 2-3 моркови со средна големина
  • 3 лажици сусам
  • маслиново масло
  • свеж сок од лимон
  • сол по потреба.

Подготовка:

  1. Дајконот измијте го и излупете го. Потоа изрендајте го на крупната страна на рендето. Изренданиот дајкон ставете го во длабока чинија, посолете го и оставете го за време од 10 минути.
  2. Морковите измијте ги, излупете ги и изрендајте ги на крупната страна на рендето.
  3. Сусамот ставете го во тава на оган на средна температура. Печете го за време од 2 до 3 минути, но внимавајте да не изгори.
  4. Дајконот исцедете го од водата и ставете го длабок сад. Во садот додајте ги морковите, печениот сусам, зачинете со маслиново масло, свеж сок од лимон и посолете по вкус. Измешајте ги состојките и послужете ја готовата салата со дајкон и моркови. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Ермоса салата со компири, корнишони и моркови.

Сподели: