Добра сарма со месо е традиционален специјалитет за македонското поднебје, а посебно во зимско време. Претставува главно јадење во кое посебно се ужива. Вкусот е киселкаст и полн, да те натера само да сакаш повеќе! А, бидејќи голем број наши пријателки ја прават, но на малку посложен начин, ви го откриваме нашиот „полесен“ рецепт за сарма со незапржено месо и без запршка. За резултатот не треба да се грижите, само следете ги чекорите како што е опишано и гарантирано е дека ќе уживате во богатиот свет на вкусовите!
Самото тоа, што месото не се запржува, се штеди време, труд и енергија, а сочноста која се добива и чувствува во секој залак е уште поголема. Пробајте ја и кажете ни како ви се допадна. Еве како ја правиме.

Состојки:
- листови од една средно голема кисела зелка
За фил:
- 500 г телешко мелено месо (може и мелено месо мешано со свинско)
- 1 помала главица кромид
- 200 г ориз
- 1 полна лажица ситна црвена пипер
- 1 лажичка мелен црн пипер од Витаминка
- 1 лажичка оригано
- 1 и 1/2 лажица Дафинка мешан зачин од Витаминка
- 70 мл Брилијант масло од Витаминка
Течност за варење:
- ладна вода по потреба
- 1 лажица брашно
- 1/2 лажица црвен пипер.
Подготовка:
- Од киселата зелка внимателно извадете ги лисјата. Потребни ви се само меките делови од лисјата, за да може лесно да ги виткате сармите. По потреба, поделете ги листовите според големината на сармите што сакате да ги направите.
- Штом завршите со припремата на зелката, започнете со припрема на филот. Кромидот излупете го, измијте го и исечкајте го најситно што можете. Потоа, во поголем сад, измешајте го со меленото месо. Додајте го оризот, ситната црвена пипер, црниот пипер, ориганото, мешаниот зачин и маслото за готвење. Добро измешајте за смесата да се соедини.
- Следно припремете го тенџерето. Од листовите со кои нема да виткате сарми, направете подлога. Ситно исечкајте ги и убаво покријте го дното на тенџерето.
- Во секој лист ставете од филот и завиткајте ги сармите. Големината на сармите и според тоа, количината на филот, слободно одредете ја по ваша желба. Препорачливо е, тенџерето во кое ги ставате сармите, да биде наредено со сармите една до една, за да не се растураат. Најдобро редете ги во еден ред, а можете и во два, доколку сармичките се помали.
- Кога сте готови со виткањето на сармите, припремете ја течноста за варење. Количината на течноста, односно ладната вода во која ќе измешате брашното и црвената пипер, треба да биде доволна за да ја прекрие горната површина на сармите. Добро измешаната течност, распоредете ја со лажица низ целата површина.
- На крај, за да избегнете растурање на сармите, поклопете ги со чинија и затворете ги со капак.
- Оставете ја сармата да зоврие на силен оган, а потоа варете ја на тивок оган околу 2,5-3 часа. Ќе биде фантастично вкусна, сочна и мека за јадење. По желба на крајот може да ја потпечете во рерна малку, колку за изглед. На здравје!
Идеја плус: По желба, во филот наместо само со мелено месо, може да го направите од комбинација со чадена сланина. Овој вкус повеќе би го обожавале љубителите на помрсна храна. Како и да одберите, нема да згрешите, ќе уживате во вкусот.
Ви препорачуваме да прочитате: Брза мусака со пире од компири.
*Спонзориран рецепт.