За да направите врвна даска со сирења со која ќе ги воодушевите гостите или партнерот на некоја романтична вечера, потребни ви се малку труд, креативност и се разбира – квалитетни сирења. При подготвувањето на даска со сирења за вистински гурмани, треба да внимавате таа да биде префинета и да содржи сирења со различен вкус и шмек. А тоа ќе го постигнете само доколку користите врвни сирења што ќе ги искомбинирате со сушено или свежо овошје, јаткасти плодови, џем или мед. Дополнително, мора да внимавате да ја послужите даската со соодветен пијалак, квалитетно вино или пиво, кои соодветно се комбинираат со сирењата.
Совршената, префинета даска треба да ги содржи сирењата наведени подолу. За да ви помогнеме во комбинирањето, ви ги претставуваме основните карактеристики на секое од нив, како и пијалокот со кој може да се комбинира. Сите наведени сирења се увозни, односно не се произведуваат во Македонија, но може да ги најдете во маркетите како ексклузивни производи произведени во Италија и Швајцарија.

Грана падано
Традиционално италијанско, тврдо кравјо сирење зреено најмалку девет месеци. На крајот на процесот на зреење, кој понекогаш е подолг од 20 месеци, грана падано развива цврст и дебел слој со боја на слама кој ја заштитува неговата миризливата внатрешност. Тврдоста на сирењето дава одлична можност тоа да се корист рендано, како додаток на различни јадења на кои им дава завршен шмек. Ова сирење има силен, ароматичен вкус кој одлично се комбинира со смокви и сушено овошје или пак со парчиња јаболко прелиени со мед. Кога се користи за мезе или за брза закуска, може да се послужи со ореви, маслинки, пршута или ладно месо. Овошниот, сладок вкус и богатата текстура на Грана Падано совршено се надополнуваат со ароматично бело вино или со јако, црвено вино.

Пекорино романо
Тврдо, италијанско сирење кое треба да созрее одреден период пред конзумирање (најмалку 5 месеци), чија боја може да варира од бела до различни нијанси на слама во зависност од условите во кои е произведено. Ова сирење има остар, пикантен вкус, кој е лесно зачинет кога се користи како трпезно, додека кај ренданото пекорино романо сирење се чувствува интензивно зачинет вкус. Ова сирење совршено се комбинира со овошје, џем или мед, кои го дефинираат неговиот остар вкус. Пикантното сирење најдобро оди во комбинација со суви црвени вина со мека танинска структура, но и прави одлична комбинација со силниот и интензивен вкус на пивата трапист.

Ементал
Полутврдо швајцарско жолто, кравјо сирење со карактеристичен изглед со дупки. Има карактеристичен слаткаст вкус со овошни тонови и се топи многу лесно, па поради тоа се користи за приготвување различни сосови и топли сендвичи. Но, нема да згрешите и ако ементалот само го исечете на мали парченца и го послужите со други видови сирења. Во овој случај, најдобро е да се комбинира со јаболка, грозје, праски или круши, а може да се користат и зачинети крекери кои само ќе го потенцираат неговиот уникатен вкус. Кога станува збор за спарување со вино, сирењето ементал најдобро оди со мерло, ризлинг или шампањ. Но, ако повеќе преферирате пиво, тогаш може да ја пробате комбинацијата на ова сирење со белгиско пиво или со некое светло, лагер пиво кое ќе го нагласи овошниот вкус на ементалот.

Збринц
Екстра тврдо, ароматично сирење направено од првокласно швајцарско млеко. Станува збор за полномасно сирење кое е 100% природно, имајќи предвид дека се произведува од најквалитетно сирово млеко од швајцарските Алпи, со природно солило, без додавање на никакви адитиви. Збринц мора да зрее најмалку 18 месеци бидејќи тогаш добива слаткаст, зачинет и силен вкус. Колку подолго зрее, толку станува поароматично и позачинето. На даска може да се служи исечкан на покрупни заедно со сушено овошје како на пример брусница, суво грозје и кајсии, но и со различни видови свежо овошје како јаболка, диња, круши, грозје и сл. Збринц кој зреел 18 месеци може да се исече на тенки ленти кои може да се свиткаат во ролни и да послужат како одличен додаток на крцкав леб намачкан со путер или исто така сервиран со сушено и свежо овошје. Грациозниот и експанзивен вкус на збринц дефинитивно најдобро оди во пар со вината од таа категорија. Неговата грануларна текстура е совршен партнер на шампањот, но и на многу други вина кои се движат од шардоне до пино ноар.

Рикота
Сирење направено од свежа сурутка од различни видови млеко, но дефинитивно најдобриот вкус се постигнува кога е направено од сурутка од овчо млеко. Денес, различните региони во Италија ја приготвуваат рикотата на специфичен начин. Една од најпознатите видови рикота е таа од Сардинија која има поцврста текстура. Поради нејзиниот слаткаст вкус, оваа рикота е омилена состојка во многу италијански десерти, но и во солени јадења како што се салати, пити, тестенини и пица. Исечкана на парчиња може да се послужи на даска заедно со други видови сирење. Рикота најдобро се комбинира со ароматично бело вино ризлинг, како и со други десертни вина.
