Уживајте во освежителниот сок од јагоди преку целата година! Јагодите, овој период може да се најдат на пазарите по пристапни цени, па вреди да одвоите малку време и да направите домашен сок од јагоди, односно сируп за растворање по рецепт од нашите баби, кој не содржи конзерванси.
Вака припремениот сок може да го замрзните или да го чувате во стаклени шишиња преку целата година. На кој начин да го складирате ви гарантираме одличен вкус за целото семејство.

Состојки:
- 2 кг јагоди
- 2 литри вода
- 1 ½ кг шеќер
- 15 грама лимонтус.
Подготовка:
- Јагодите измијте ги под млаз вода и исчистете ги од ливчињата. Ставете ги во длабоко тенџере и додајте ја водата.
- Тенџерето ставете го на оган, на средно висока температура да се вари. Штом водата зоврие, продолжете со варењето за време од 10 до 15 минути, додека јагодите ја изгубат бојата. Потоа, тенџерето тргнете го од огнот.
- Течноста процедете ја низ цедилка со поголеми отвори, за да ги отстраните варените јагоди.
- Добиената течност процедете ја низ цедилка за чај.
- Со помош на мерица се мери добиената течност. Доколку добиете 1,5 литар, тогаш додајте 1,5 кг шеќер и 15 грама лимонтус.
- Сокот од јагоди ставете го во тенџере на оган да се вари. Во текот на варењето сокот се меша за да се растопи шеќерот. Штом шеќерот се растопи, врелиот сок се трга од ринглата и се остава да се излади.
- Изладениот сок може да се стави во пластични шишиња и да се замрзни. Доколку не сакате да го замрзните, може да го ставите во стаклени шишиња, така што, штом сокот зоврие, топол се става во чисти стерилни стаклени шишиња и се затвора. Потоа, стаклените шишиња се виткаат со крпа и се оставаат така додека се изладат.
Ви предлагаме да прочитате: Домашен мармалад од јагоди.