Оваа солена торта од ориз и пилешко е предлог на инспиративната Кате, која избра посебен состав на намирници за да креира превкусен специјалитет. Предлагаме да го пробате уште денес!

Состојки:
- 400 гр ориз
- 1 главица кромид
- 5 поголеми листови радикио (виолетова салата со горчлив вкус, за замена може друг листест зеленчук)
- 270 гр пилешки гради
- 200 гр карфиол
- 125 гр моцарела
- 2 лажици пармезан
- 2 ќесички шафран
- 2 лажици брашно
- 1 лажичка кари
- по потреба масло, сол, црн пипер, мешан сув зачин.
Подготовка:
- Најпрво ставете го оризот да се вари. Откако ќе се свари, исплакнете го со ладна вода и исцедете го.
- Додајте го шафранот, мешаниот сув зачин и црниот пипер, па убаво измешајте.
- Во тава на оган ставете малку масло и додајте го сечканиот кромид и радикио. Посолете и пропржете ги додека омекнат.
- Карфиолот ставете го во зовриена вода малку да се обари, а потоа оставете го да се олади.
- Пилешките гради исечете ги на мали парчиња, посолете ги и свалкајте ги во мешавина од брашно и кари.
- Ставете ги коцките пилешко да се пропржат во сосема малку масло.
- Во нелеплива тава ставете малку масло и со навлажнети раце ставете половина од оризот и убаво расплескајте со раце.
- Одозгора ставете го пропржениот кромид со радикио, парчињата карфиол, пилешкото месо, коцки моцарела и пармезан.
- Одозгора повторно со навлажнети раце додајте го остатокот од оризот и убаво со раце оформете ја смесата во вид на торта-колач.
- Ставете ја тавата на оган на средна температура и пржете 10 минути.
- Потоа поклопете со округла чинија која треба да е со помали димензии од тавата и превртете.
- Повторно во тавата ставете малку масло и внимателно вратете ја смесата од ориз.
- Треба што побрзо да се изведе постапката на превртување, за да не се залепи оризот за чинијата.
- Оставете да се пржи и од другата страна уште 10 минути, па повторете ја постапката на превртување.
- Оваа солена торта од ориз и пилешко може да ја послужите и топла и ладна, бидејќи подеднакво е вкусна во комбинација со свежа салата.
Автор: Катерина Милошеска Глигоровска.