Летен и освежителен колач со праски за сите генерации! Во кујната на нашата пријателка Лана е креиран овој десерт, кој сигурни сме дека ќе ви се допадне. Станува збор за сочен колач направен со праски, мелени бадеми, кокос и портокал кој му даваат летен, тропски вкус. А за задоволството да биде поголемо, печениот колач се прелива со приготвен сируп од портокал.
Ние ќе го пробаме, а вие одлучивте ли да го правите?

Состојки:
- 3 до 4 праски
- ¼ чаша шеќер во прав
- 90 грама путер
- ½ чаша шеќер
- 2 јајца
- 3/4 чаша мелени бадеми
- ¼ чаша кокосово брашно
- ¼ чаша пченично брашно
- 1 лажица кора од портокал
- ¼ мала лажичка прашок за печиво.
За сируп од портокал:
- 1 чаша свежо цеден сок од портокал
- ¼ чаша ликер со арома на портокал по желба
- ½ чаша шеќер.
Подготовка:
- Исчистените праски се сечкаат на четвртини и се посипуваат со шеќер во прав. На оган, на средна температура се става нелеплива тава да се загрее. Во загреаната тава се додаваат праските и се динстаат додека шеќерот се растопи, а плодовите заруменат. Потоа, се остава да се изладат.
- Рерната се загрева на 160 степени. Се намрсува правоаголен калап за печење со димензии 12*35 см.
- Со миксер се матат путерот и шеќерот, а потоа се додаваат јајцата, мелените бадеми, кокосот, брашното, кората од портокал и прашокот за печиво. Повторно се мати се миксер за да се добие хомогена смеса. Добиената смеса за колач се става во намрсениот калап. Врз тестото се ставаат праските и се поросува со сечкани бадеми по желба. Колачот се пече за време од 30 до 40 минути, во зависност од дебелината, а повремено се вади од рерната и се одредува со чепкалка за заби дали е добро испечен.
- Во меѓувреме се приготвува сирупот од портокал. Сокот од портокал, ликерот и шеќерот се ставаат во мал сад на оган да се варат. Штом сирупот зоврие, темературата се намалува и се остава сирупот да се вари за време од 10 до 12 минути, односно додека се згусти. Варениот сируп се остава да се излади.
- Печениот колач со праски се остава да се излади и пред сервирање се полива со сирупот од портокал. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Домашен компот од праски.