Сте пробале ли топло чоколадо со црвено вино? Тоа е пијалак кој мора да го пробате во овие ладни денови. Кој не сака чаша топло чоколадо? Или варено вино? Комбинацијата од овие две посакувани нешта е едноставно многу вкусна.
Во последните денови, овој рецепт е хит на интернет страниците, па ајде и ние да го пробаме. Кога во топлото чоколадо ќе додадете малку вино, ќе ги добиете најдобрите празнични вкусови и ароми во едно. Наведените состојки во рецептот се доволни за 1 до 2 чаши, а доколку ви се најавило друштвото, количината зголемете ја.
Состојки:
- 3 мали лажици темно какао
- 4 лажици шеќер
- ¼ чаша црвено вино
- 1 чаша млеко
- прстофат сол
- шлаг по желба.
Подготовка:
- Во мало тенџере или ѓезве на оган на ниска температура ставете го виното да се вари. Загревањето на виното е по желба, ако сакате да ја намалите количината на алкохол, применете ја оваа постапка.
- Во меѓувреме, во сад ставете ги какаото, шеќерот и солта. Додајте 2 до 3 лажици млеко и измешајте убаво за да се добие хомогена смеса. Потоа, во садот додајте го преостанатото млеко i измешајтеe.
- Во ѓезвето со виното, турете ја чоколадната смеса. Измешајте и оставете топлото чоколадо со виното да зовријат. Повремено мешајте со лажица.
- Вареното топло чоколадо со црвено вино турете го во чаши и декорирајте го со шлаг пена по желба. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Варено вино со портокал, јаболко и цимет.