Вкусен десерт за уживање! Убавината на совршениот чоколаден мус се состои во чувството на благо во устата и интересната воздушеста текстурата која му дава сунѓерест изглед. Многу е лесен за јадење, слатко ќе ве усреќи и нема да ви предизвика тежина во стомакот од прејадување.
Овој десерт кој е одличен за деца и возрасни, а го направи и ни го предложи од својата кујна нашиот пријател Давор. Побрзајте да ја направите својата чаша чоколаден мус и на здравје!

Состојки:
За 2 чаши:
- 3 јајца
- 2 лажици шеќер
- 50 гр темно чоколадо
- кора од 1 лимон
- 1 лажица путер.
Подготовка:
- Во сад изматете ги белките и шеќерот, и оставете ги на страна.
- Во сад на пареа растопете го чоколадото и потоа додадете ги трите жолчки, путерот и кората од 1 лимон. Кога ја рендате кората од лимонот, најдобро е да ја изрендате само тенката жолта кора, бидејќи белата е горчлива и поради тоа мусот може да добие горчлив вкус.
- Смесата со чоколадото постепено вмешувајте ја во смесата со белките, а за да биде чоколадниот мус убаво воздушест, кога ќе ги соединувате чоколадото со изматените белки нежно промешувајте ги заедно, со цел што повеќе воздух да остане во смесата и да изгледа повеќе воздушесто.
- Претурете ја смесата во чаши и оставете да се стегне во фрижидер минимум 3-4 часа.
- Декорирајте со малини или било кое друго овошје. Добар апетит!
Рецептот го испратил: Давор Панчевски.