Нејзиното име е интересно, потполно несекојдневно, а традицијата за нејзина подготовка опстојува со години наназад. Потекнува од Мисисипи – Сад, а станува збор за вкусната чоколадна кал торта!
Како што минувале годините, рецептот се менувал, а ние денес ви предлагаме да ја пробате по испробан рецепт од Невена.
Може да ве интересира: Захер торта – најпознатата чоколадна торта од Виена.
Состојки:
За пандишпан:
- 3 јајца
- 250 гр шеќер
- 250 гр путер
- 200 гр чоколадо за готвење
- 100 мл млеко
- 1 лажица инстант кафе
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 220 гр брашно
- 30 гр какао.
За чоколаден ганаш – фил од чоколадо:
- 350 мл слатка павлака
- 300 гр чоколада за готвење.
Подготовка:
- Започнете со подготовка на пандишпанот. Путерот и чоколадота стопете ги над пареа, а потоа оставете ги да изладат.
- Брашното, какаото и печивото измешајте ги. Јајцата изматете ги со вилушка.
- Во сад за матење ставете ги стопениот путер и чоколадото, па додајте го и кафето.
- Почнeте да матите, само внимателно зашто прска и постепено додавајте ги шеќерот, ванилата, јајцата и млекото. Кога целата смеса е изедначена исклучете го миксерот и додајте ја мешавината од брашно просеана низ сито.
- Смесата измешајте со лажица и турете ја во тава бр.26 намачкана со масло и посипана со брашно. Печете во загреана рерна на 160 степени околу 1 час или проверете со дрвена чепкалка – да излезе сува при проверката. Печениот пандишпан оставете го да излади.
- За тоа време подгответе го чоколадниот ганаш. Слатката павлака ставете ја да се загрее и потоа додајте го чоколадото искршено на коцки. Мешајте додека убаво се изедначат.
- Филот покријте го и оставете го да излади и зацврсти, но не премногу, доволно за да може да се мачка пандишпанот.
- Со дел од готовиот фил премачкајте го пандишпанот странично и одозгора, а останатиот ставете го во шприц и нанесете го како декорација на тортата. Ако не сакате да користите шприц, наједноставно само премачкајте ја целата торта. За декорација во овој случај употребивме прасенца од фондан како се валкаат во калта, а секако вие може да смислите своја. На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви препорачуваме да прочитате: 8 избор рецепти за чоколадна торта.