Ако ви се јаде нешто благо или сакате да подготвите вкусен десерт за пријателите, ви предлагаме да ги пробате чоколадните бомбици со лешници, рум и портокал. Рецептот е од нашата кујна, многу е едноставен и лесен, а ќе ви бидат потребни петанесеттина минути за да уживате во прекрасниот чоколаден кремаст вкус надополнет со освежителната арома на портокал и примамливиот мирис на рум.
За време на пости овие бомбици може да ги направите со посни бисквити и посно чоколадно за готвење.

Состојки:
- 1 лажица мед
- 100 грама мелени лешници
- 100 грама мелени бисквити
- 50 грама шеќер во прав
- 1 лажица рум
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 1 лажица маргарин
- 1 кора од портокал
- свеж сок од половина портокал
- 100 грама рендано чоколадо
- 100 грама чоколадо
- 2 лажици масло.
Подготовка:
- Во сад на оган ставете го медот да се загрее.
- Во длабок сад ставете ги мелените лешници, бисквитите, шеќерот во прав, румот, ванилиниот шеќер, маргаринот, ренданото чоколадо, кората и сокот од портокал. Измешајте ги и додадете го медот.
- Од смесата формирајте бомбици, а потоа ставете ги во замрзнувач најмалку 30 минути.
- Во меѓувреме, растопете го чоколадото на пареа. Во растопеното чоколадо додадете го маслото и измешајте.
- Изладените чоколадни бомбици со лешници, рум и портокал прелијте ги со растопеното чоколадо и декорирајте ги по желба. На здравје!