Макаронс колачињата имаат долга традиција на уживање од кралските редови! Ако ја дознаете приказната за нив, дегустацијата на секое колаче ќе ви биде уште поинтересна и повкусна, затоа продолжете да читате и секако откријте го домашниот рецепт!
Идејата за популарните макаронс колачиња се појавила во Италија, а прва ги направила Катерина де Медичи во 1533 година. Таа била готвач – шеф и во тоа време, односно во 1547 станала сопруга на тогашниот француски крал познат како Хенри II. Исто така има записи дека токму овие колачиња ја спасиле внуката на Катерина де Медичи од глад и дека со нив се забавувале и сладеле гостите на свадбената прослава на кралот Луј XIV и Марија-Тереза во 1660 година.
За прв пат биле направени како едноставни колачиња од бадем во прав, шеќер и жолчки. Подоцна во 20-тиот век Пјер Десфонтанес, внукот на Луј Ернест Ладуре добил идеја да ги направи во облик на двојни колачи полнети со чоколаден фил кој ќе ги држи заедно и така макаронс колачите станале национално признаен десерт кој бил и е најпродаван во продавниците за печива во Франција.

Состојки:
За колачиња:
- 2 белки од јајца
- 200 гр шеќер во прав
- 3 лажици шеќер
- 3 лажици какао
- прехрамбена боја по желба
- цимет (по вкус).
За фил:
- 3-4 лажици мармалад од црни сливи
- 50 гр маргарин
- 100 мл млеко
- 2 лажички густин.
Подготовка:
- Најпрво се одделуваат белките од жолчките и белките се ставаат во посебен сад во кој ќе се матат со миксер. Препорачливо е јајцата да стојат барем 2 дена во фрижидер и да се извадат точно во времето на припрема на колачите.
- За време на матењето се додаваат трите лажици шеќер постепено и белките се матат се додека не се добие густа пена, која треба да биде доволно црвста.
- Потоа со помош на цедалка за да не останат грутки, се додаваат шеќерот во прав, какаото, циметот и бојата која што ја сакате по желба.
- Нежно мешајте со шпатула се додека смесата се соедини и стане кремаста без преостанат воздух. Се препознава кога е готова по тоа што кога ќе ставите капка од смесата на страна нејзината форма се разлева како круг, а не останува во неопределена форма. Проверувајте во текот на мешањето бидејќи ако предолго мешате подоцна смесата може да стане многу течна и да се разлева.
- За печење на овие колачиња ви е потребна хартија за печење, голем плех и шприц за фил со кој ќе ги правите формите.
- Правете малечки кругчиња со шприцот кои ќе бидат во парен број, по што плехот го удирате од цврста површина неколку пати за да се добие нивната форма и ако има преостанат воздух во нив да излезе на површина.
- Потоа, се ставаат во претходно загреана рерна и се печат на 150 степени за 15-20 минути. Може да проверите кога поминале 15 минути дали површината им е мека, а ако е сеуште мека оставете да се печат уште неколку минути.
- Откако ќе ги извадите оставете ги кратко да се изладат, а потоа одделете ги од хартијата за печење.
- Во меѓувреме, додека се печат пригответе го филот. Можете да употребите било каков фил по вкус или мармалад кој ви е на располагање. Можете да употребите и чоколаден крем.
- Доколку сакате да ги направите со фил од мармалад, следете ги следните инструкции. Во сад ставете ги слаткото, млекото и маргаринот, промешајте додека се растопат, а потоа додајте го и густинот (кој претходно треба да е растварен во чаша со малку вода), па продолжете до добивање на густ крем.
- На крај, со шприц за фил ги полните колачињата.
Колачињата се успешни доколку имаат тврда кора, а внатре се со мека и пенеста структура. Па уживајте во убавите и слатки макаронс колачиња!
Рецептот го испратил: Маја Ристанчевска.
Ви предлагаме да прочитате: Чоколадни мафини со ореви.