Што е подобро, тиквички или модар патлиџан 1

Што е подобро, тиквички или модар патлиџан?

Често пати сме слушнале, а и сме се запрашувале, што е подобро, тиквички или модар патлиџан? Знаеме дека и двата зеленчуци се скоро подеднакво застапени во исхраната на секој од нас, иако сите имаме поголема радост за еден од нив.

Да ја споредиме калориската и хранливата вредност

За да може да процениме, ќе ја разгледаме темава подетално. Кога станува збор за калориската вредност и хранливиот состав, треба да знаеме неколку информации. Во 100 грама тиквички има 16 калории и 94,6 % вода, а во модриот патлиџан има 24 калории и 92,4 грама вода. Тиквичките имаат 3,3 грама јагленихидрати и 1,1 грам растителни влакна. Модрите патлиџани имаат 5,7 грама јагленихидрати и грама 3,4 растителни влакна. И тиквичките и модрите патлиџани имаат по 0,2 грама масти. Тиквичките имаат 1,2 грама протеини, а модрите патлиџани имаат 1 грам.

Поради високата содржина на вода и во двата зеленчуци, тие имаат ниска калориска вредност, па и двата се препорачуваат во редукционите диети. Предност на модрите патлиџани пред тиквичките е поголемата количина на растителни влакна. Во количината на масти и протеини, нема значајна разлика.

Што е подобро, тиквички или модар патлиџан 2

Кога станува збор за витамините и минералите, ќе ги издвоиме најзастапените, односно оние кои ги има во најзначајна количина, споредено исто така во 100 грама. Имајќи предвид дека најголемиот дел од хранливите материи се наоѓа во кората, добро би било при припремата да не ја лупите, а за ваква употреба по можност користете органски плодови.

Тиквичките како извор на витамин А значително се во предност пред модрите патлиџани. Тие содржат 200 ИЕ, додека патлиџаните имаат само 27 ИЕ. Во однос на витаминот Ц, повторно тиквичките се во предност. Тие содржат 17 мг (што е 30% од дневната препорачлива доза), а патлиџаните скромни 2,2 мг. Тиквичките се побогати и со витамините од Б групата. Тие содржат холин 9,5 мг и фолна киселина 29 ммг, а патлиџаните 6,9 мг холин и 22 ммг фолна киселина.

Тиквичките содржат повисока содржина на калциум од модрите патлиџани, 15 мг наспроти 9 мг. Поголема е и количината на калиум, 262 мг во одност на 230 мг, како и повеќе магнезиум 17 мг наспроти 14 мг. Исто така, тиквичките содржат повеќе фосфор и витамин К, од модрите патлиџани.

Да ја разгледаме и кулинарската вредност

Кога станува збор за кулинарската вредност тиквичките веднаш имаат поен, можат да се јадат и сурови. Од нив можете да припремате салати, да ги измешате со шпагети, ролнички за декорација, разни чорби. Модриот патлиџан мора да помине барем дехидратација.

Тиквичките имаат неутрален вкус. Тоа им овозможува да се вклопат лесно и во слатки комбинации, за припрема на колачи и овошно смуди. На куглофот може да му дадат сочност, а да не влијаат на вкусот. Модар патлиџан во секоја варијанта, не сме пробале, а и скоро да не е можно тоа. Тој има специфичен, малку горки вкус. Истиот може да се избегне, ако пред термичката обработка се посоли и се остави некое време да се исцеди од сокот. Многу често се наоѓа на менито на вегетаријанците бидејќи има текстура слична на месо. Од модрите патлиџани пак, можат да се прават разни намази, одлични се за полнење, за мусака, плескавици и пити. Исто така, доста добро се вклопуваат во предјадења и салати.

Кога се подготвува похуван, модриот патлиџан впива поголема количина на маст поради сунѓерестата структура, а најдобро после пржењето и двата зеленчуци да ги поставите врз хартија која впива маснотија.

Од искуство, патлиџаните се подобри за замрзнување отколку тиквичките. Веруваме дека имате свој фаворит, а сега ви дадовме малку повеќе информации кои ќе ви помогнат да дадете предност на едната пред другата намирница. Останува на вас да одлучите што повеќе сакате да јадете, во секој случај на здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: 7 испробани рецепти со модар патлиџан и 9 испробани рецепти со тиквички.

Сподели: