јајца со домати

Јајца во доматен сос со моцарела

Обожаваме брзи и лесни рецепти, особено за појадок. Дали тоа ќе биде некој намаз, јајца, смуди, житарици или домашно лепче, важно е да биде хранливо и здраво. А благодарение на Катерина, споделуваме лесен рецепт за подготовка на јајца во доматен сос со моцарела.

Сигурно знаете дека појадокот треба да биде главен оброк во текот на денот и да изобилува со хранливи состојки за да ви даде енергија за преку целиот ден. А токму ваков оброк може да направите доколку го приготвите овој рецепт.

јајца во доматен сос

Состојки:

  • 4 јајца
  • 2 главици кромид
  • 4 чешниња лук
  • 400 гр лупени домати во сопствен сос (пелати)
  • 1 мала лажичка оригано
  • 250 гр моцарела (во замена може да се користи кашкавал)
  • по потреба масло, сол, мелен црн пипер.

Подготовка:

  1. Исечете го кромидот на тенки листови и ставете го во нелеплива тава на оган да се пржи.
  2. Доматите испасирајте ги со виљушка.
  3. Откако кромидот малку ќе омекне додајте ги пасираните домати, ситно сечканиот лук и ориганото.
  4. Посолете и зачинете со мелен црн пипер. Оставете доматите да се динстаат на среден оган за време 10-15 минути.
  5. Во тавата со домати и кромид направете 4 вдлабнатини и во нив ставете ги јајцата.
  6. Тавата поклопете ја со капак и намалете ја температурата. Оставете го капакот врз тавата додека јајцата се запечат.
  7. Сосема на крај додајте ја моцарелата исечена на коцки.
  8. Покријте повторно со капак и оставете на оган додека се растопи моцарелата. Готовите јајца во доматен сос со моцарела послужете ги додека се топли. На здравје!

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.

Ви предлагаме да прочитате: Пржени јајца со пиперки и маслинки.

Сподели: