Брза солена торта со туна 1

Брза солена торта со туна

Во потрага сте по лесна и брза солена торта која ќе ви ја краси празничната трпезата за било која домашна прослава или свеченост? Па, благодарениe на Лана, споделуваме со вас интересен и лесен рецепт за солена торта со туна.

Ние ги обожаваме солените торти. Тие се вкусни, а и декоративни. Совршено се вклопуваат на секоја празнична трпеза и се неизбежен додаток на семејните прослави и свечености. Но, најчесто нивната подготовка е сложена и комплицирана со многу состојки. Затоа, особено им се радуваме на едноставните рецепти со малку состојки, кои лесно и брзо може да ги направи секој. Дури и оние кои не се особено вешти во кујна. Ова е токму таков рецепт. Вреди да се проба уште при првата прилика.

Брза солена торта со туна 2

Состојки:

  • половина пакетче интегрален леб за тост
  • 400 г изварка
  • 360 г туна од конзерва
  • 2-3 лажици кисела павлака
  • сол и црн пипер по вкус
  • сечкан магдонос или други зачини по желба
  • сечкани маслинки по желба.

За декорација:

  • 200 грама кисела павлака за премачкување
  • 1 свежа краставица
  • 1 домат за изработка на ружички
  • магдонос.

Подготовка:

  1. Калапот со кружна форма (за замена може длабока чинија), обложете го со најлонска фолија и наредете го со парчиња леб за тост на кој претходно сте му ја отстраниле кората. По потреба лебот исечете го на помали парчиња за подобро да се вклопи во калапот.
  2. Туната процедете ја од маслото и измешајте ја со изварката.
  3. Додајте неколку лажици кисела павлака за подобро да се поврзат состојките.
  4. Посолете и зачинете со црн пипер по вкус, а по желба може да додадете и сечкан магдонос и маслинки. Вака подготвениот фил поделете го на два дела.
  5. Врз парчињата леб распоредете го првиот дел од претходно подготвениот фил. Врз него ставете парче леб, па нанесете го и преостанатиот фил.
  6. На крај, целата торта затворете ја со уште едно парче леб на кое ќе му ја отстраните кората за подобро да се вклопи.
  7. Вака подготвената торта ставете ја во фрижидер најмалку 1 час за да се стегне.
  8. Готовата торта премачкајте ја со павлака.
  9. Откако ќе се стегне декорирајте ја со парчиња свежа краставица, ружа од домат и гранче магдонос. А може да ја декорирате и на друг начин по ваша желба. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Солена торта со коцки леб.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: