Брзи краставица сендвичи и мезе залчиња 1

Од кујната на Катерина Ш. Спасеновска: Брзи краставица сендвичи и мезе залчиња

Брзи краставица сендвичи за само 5 минути! Совршени за лето, прошетки и уживање! За секакви пригоди, за пикник на најблиската ливада или целодневен излет некаде, за патување да ве освежат и нахранат. Одлични за брзински појадок дома или вкусна закуска на работа. А, ако ги исечете на коцки како мезе зелчиња, супер се вклопуваат за детски родендени и забави, за вечерни седенки со друштвото и семејни собири! Проверено одобрен вкус од сите генерации!

Постојат разни слични рецепти, а еве како обични ги правам јас. Добра вест е што може да ги направите и зачувате во фрижидер за одложено јадење и може да ги направите со секаков тост леб, ќе бидат сочни и превкусни од филот во нив. Од оваа доза ќе добиете 6-8 сендвичи, зависно од тоа со колку фил обожавате. Или, ако правите мезе залчиња, ќе добиете 24-32 парчиња. Јас одбрав да ги направам со пченичен бел тост леб од Жито Лукс кој е пастеризиран, секогаш свеж и без конзерванси, како што се сите тост лебови, па квалитетот е загарантиран. Пробајте го рецептот и пишете ми како ви се допадна! Пробајте го рецептот и пишете ми како ви се допадна!

Брзи краставица сендвичи и мезе залчиња 2

Состојки:

За бел намаз:

  • 200 г фета сирење или крем сирење
  • 180 г павлака
  • 1 лажиче мајонез
  • 2 лажички сечкан свеж копар
  • 2 лажички младо кромитче сечкано – зелени листови
  • 1 лажиче рендана кора од лимон
  • 1 лажиче лимонов сок
  • 1/2 лажиче лук во прав
  • 1/2 лажиче кромид во прав 
  • сол и црн пипер по вкус.

Останати состојки:

  • 1-2 краставици исечени на тенки кругови
  • 1 паковање пченичен бел тост леб од Жито Лукс.
Брзи краставица сендвичи и мезе залчиња 3

Подготовка:

  1. Во сад измешајте ги сите состојки за белиот намаз. По потреба употребете миксер, јас преферирам да испасирам со вилушка.
  2. Лебот намачкајте го од едната страната, а потоа наредете 9 кругови краставица. По желба додадете дополнително ситно сечкани копар и младо кромитче. Затворете со лепче одозгора, отстранете ја кората и пресечете по желба. Сендвичите се готови.
  3. Ако пак се одлучите да ги правите како мезе залчиња, прво отстранете ги краевите од тост лебот, па секое парче сечете го на 4 еднакви дела. Земете една коцка, премачкајте ја со малку од белиот намаз, ставете врз парчето круг краставица, па поклопете со уште една премачкана коцка од лебот. Декорирајте со парче краставица и ситно сечкан зачин и на здравје! Подготовката погледни ја на видеото:

Брзи краставица сендвичи и мезе залчиња 4

Брзи краставица сендвичи и мезе залчиња 5

Совети плус:

  • Кората на лебот може и да не се отстрани по желба. Може да ги сечете како сакате, на правоаголници, коцки или триаголници.
  • Зачините може да ги менувате и во доза и во состав.
  • Копарот може да го замените со магдонос, нане, босилек или да не ставите воопшто ако не сакате. 
  • За да не ви се навлажни лебот од краставиците, ако сендвичите не ги консумирате веднаш, пребришете ги со кујнска хартија. 
  • Ако сакате павлаката може да ја замените со протеински јогурт, а мајонезот да го изоставите.
  • Може да ги чувате завиткани со фолија во фрижидер, до 24 часа.
  • Од Жито Лукс има достапни различни вкусови на тост лебови кои се одлични на вкус и што е важно супер за квалитет, пастеризирани за трајност и свежина, а без конзерванси, па ги препорачувам по сите карактеристики!
сендвич со краставица

Препорака од авторот:

Ако сакаш брзи лесни рецепти од мојата кујна разгледај ги следните и заследи ме:

Автор на рецепт и фотографии: Катерина Шамбевска Спасеновска@katerina.shambevska.

Ви препорачуваме да прочитате и: Брзи памук кифлички и велигденски зајачиња – од кујната на Катерина Ш. Спасеновска.

*Рецептот е поддржан од Жито Лукс.

Сподели: