чоколаден сладолед со пудинг

Брз чоколаден сладолед со пудинг

Летните горештини се на прагот и на сите добро би ни дошол вкусен сладолед. А ако е домашен, уживањето е загарантирано! Споделуваме лесен и брз рецепт за домашен чоколаден сладолед со пудинг. Подготовката е повеќе од едноставна, па на вас останува само да си набавите 2 ќесички пудинг и да издвоите 10-тина минути од вашето време. Овој сладолед е толку лесен за правење, што слободно можат да го направат и децата и на тој начин да се вклучат во домашните активности.

По желба сладоледот може да го подготвите со пудинг од ванила, лешник или јагода. Само во тој случај наместо чоколадо може да додадете 150 г мелени лешници, јагоди, рум или ванилин шеќер по желба. Оставаме на вашата фантазија и желба да си играте со вкусовите, а ние ви го претставуваме оригиналниот рецепт за чоколаден сладолед со пудинг.

чоколаден сладолед со пудинг

Состојки:

  • 5 јајца
  • 300 г шеќер
  • 2 ќесички пудинг од чоколадо
  • 1 л млеко
  • 100 г путер
  • 80 г  чоколадо за готвење,

Подготовка:

  1. Во сад за матење изматете ги жолчките со шеќерот, па додајте го прашокот за пудинг од чоколадо. Добро измешајте и на крај додајте го ладното млеко.
  2. Подготвената смеса за сладолед ставете ја во тенџере и варете ја додека се згусти. Тенџерето тргнете го од огнот.
  3. Белките изматете ги во цврст шлаг кој постепено ќе го додавате во жешкиот пудинг со постојано мешање.
  4. Чоколадото растопете го на пареа или во микробранова печка.
  5. На крај во тенџерето додајте ги путерот и растопеното чоколадо. Измешајте за да се соединат состојките и оставете ја смесата да се излади. Штом се излади ставете ја во пластичен сад и замрзнате ја.
  6. Пред служење извадете го садот и оставете го 5 до 10 минути. Со помош на алатка формирајте топки и ставете ги во чинии за сладолед. По желба декорирајте со изматена шлаг пена и чоколаден прелив. Уживајте во светот на вкусовите!

Ви препорачуваме да прочитате: Крем пита со пудинг.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: