Детокс маска со сода бикарбона

Детокс маска за здрава и сјајна коса

За да го подобрите изгледот на косата и да и овозможите здрав раст, потребно е покрај вообичаената нега, повремено да правите третмани за детоксикација на скалпот. Не знаете како? Имаме многу едноставно решение! Со состојките од кујната може да ја освежите косата, да ги отстраните мртвите клетки, а веруваме дека резултатот ќе ве воодушеви!

Понекогаш забораваме дека скалпот е делот кој ја храни косата и дека неговата нега е од клучно значење за сјаен и здрав изглед на влакната. Можеби трошите многу време и производи за нега на косата, и често се запрашувате зошто и покрај целиот вложен труд, сепак немате некој позначаен ефект? Време е за промена и домашна нега со едноставната детокс маска од сода бикарбона, цимет и маслиново масло.

Детокс маска

Детокс маска со сода бикарбона и цимет

Производите за коса кои секојдневно ги користиме може да ги затворат порите, а тоа да придонесе до забавување на растењето на косата. Шампонирањето не го мие скалпот доволно длабоко за да се исчистат сите наслаги кои се наталожиле на него. Затоа, детоксикацијата на скалпот е прав избор кој треба да го вклучите во вашата месечна нега и грижа за косата. Детоксикацијата на скалпот во себе вклучува третмани со масажа со цел да се изврши ексофилација на скалпот. На тој начин ќе се отстранат мртвите клетки, маснотиите и токсините од фоликулите на косата.

Еве неколку причини зошто е избрана секоја од состојките!

Содата е природно средство за чистење кое има моќ да ги апсорбира маслата и остатоците од средствата за нега и стилизирање на коса кои секојдневно ги употребувате. Маслиновото масло изобилува со антиоксиданси и помага против првут и сува кожа на скалпот. Тоа може да го намали опаѓањето на косата. Додека пак, циметот има активни состојки кои поседуваат антигабични, антивирусни и антибактериски својства. На тој начин превентивно делува против габични и бактериски воспаленија на кожата на главата.

Во продолжение ви го претставуваме рецептот за  домашната детокс маска наменета за масажа на скалпот.

Состојки:

  • 1 лажица сода бикарбона
  • 2 лажици маслиново масло
  • ½ лажичка цимет во прав

Начин на подготовка и употреба:

  1. Во мал сад ставете ги содата бикарбона, маслиново масло и циметот. Измешајте ги за да добиете хомогена смеса.
  2. Поделете ја косата на мали делови и од подготвената маска нанесете на секој дел од скалпот.
  3. Нанесете ја маската во скалпот со кружни движења. Потоа измијте ја косата како и вообичаено.

Напомена: Оваа маска не треба да се користи повеќе од еднаш во месецот.

Ви препорачуваме да прочитате: Домашен третман од сода бикарбона против првут.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: