домашни карамели со ореви и лешници

Домашни карамели со ореви и лешници

Децата обожаваат карамели, но и возрасните исто така. Нивниот сладок вкус и карактеристична текстура нѐ потсетува на детството и нѐ навраќа во најубавите мигови кога сѐ беше благо баш како карамела.

На блогот на Лана наидовме на интересен рецепт за домашна подготовка на ова мало слатко задоволство. Вреди да се издвои малку време и да се направи. Во подготовката може да ви помогнат и малите рачиња на вашите најмили кои со сигурност најмногу ќе им се израдуваат. Па, поминете квалитетно и креативно време со вашите деца и направете си вкусни домашни карамели. Во ова време кога сѐ може да се купи во продавница, домашното е вистинска реткост и привилегија.

домашни карамели

Состојки:

  • 200 мл кондензирано млеко
  • 75 мл обично млеко
  • 225 г шеќер
  • 60 г путер
  • сечкани ореви или лешници по желба.

Подготовка:

  1. Ставете ги сите состојки во длабок сад со подебело дно и постепено загревајте ги се додека путерот се растопи.
  2. Варете ја смесата со непрекинато мешање околу 20-30 минути, додека се згусти. На почеток смесата може да прска и да менува боја, па затоа бидете внимателни и претпазливи.
  3. Доколку сакате карамелите да бидат помеки варете ги околу 20 минути, а за поцврста текстура варете ги некоја минута подолго.
  4. Потоа, тргнете го садот од оган и продолжете со мешање уште дополнителни 5 минути со цел смесата малку да се излади. Смесата за карамели треба да биде сѐ уште течна, но како ќе се лади така и ќе се згуснува.
  5. Во овој момент доколку сакате карамелите да ги збогатите со некој вкус треба да ги додадете сечканите лешници или ореви.
  6. Додека смесата е мека, лесно може да ја ставите во силиконски калапи за пралини од кои подоцна едноставно ќе може да ги извадите готовите карамели. Доколку правите поголема количина, целата смеса може да ја ставите во правоаголен калап кој претходно сте го обложиле со хартија за печење.
  7. Смесата добро натапкајте ја и измазнете ја, а потоа оставете ја да се излади во целост.
  8. Доколку користевте голем правоаголен калап, откако смесата за карамели ќе се здрви исечете ја на коцки со помош на нож. Ако сепак користевте силиконски калапи, едноставно само извадете ги обликуваните карамели. Тоа е целата постапка и карамелите се спремни да ги израдуваат дечињата, а и возрасните.

Ви препорачуваме да прочитате: Домашен ликер со карамели.

Сподели: