Запечен карфиол со јајца

Запечен карфиол со јајца, павлака и кашкавал

Ние ги обожаваме сезонските рецепти, а сега пазарите изобилуваат со карфиол.  Време е да набавите едно големо парче од овој здрав и вкусен зеленчук и да направите превкусен ручек за целото семејство. Ова е едно од оние јадења кои имаат потенцијал да станат ваши омилени. Па, нека во вашиот дом мириса на запечен карфиол со јајца, павлака и кашкавал.

Секој залак од ова јадење е неповторливо искуство за сите ваши сетила. Мек, вкусен и совршен. Покрај тоа ова јадење е и многу здраво, а и прилично евтино, па за малку пари ќе му направите вкусен и хранлив оброк на целото ваше семејство. А, приготвен на овој начин карфиолот ќе им се допадне на сите, дури и на оние на кои не им е баш најомилен. Па, уште во прва прилика подгответе си запечен карфиол за вас и за вашето семејство.

Запечен карфиол со јајца, павлака и кашкавал

Состојки:    

  • 1.2 кг карфиол
  • 2 л вода
  • 4 јајца
  • 100 мл млеко
  • 1 лажица мајонез
  • 2 лажици павлака
  • 150 г кашкавал
  • сол по вкус
  • мелен црн пипер по вкус
  • 1 лажица мешан сув зачин
  • масло по потреба
  • магдонос по желба.

Подготовка:

  1. Најпрво карфиолот добро измијте го и поделете го на цветови.
  2. Во сад на оган ставете 2 л вода и ставете го карфиолот да се вари околу 5 минути. Варениот карфиол префрлете го во сад со ладна вода за да се спречи процесот на варење. Потоа процедете го карфиолот од водата.
  3. Садот за печење премачкајте го со малку масло, па распоредете ги цветовите карфиол на дното од садот. Посипете со сол, мешаниот сув зачин и мелен црн пипер.
  4. Вака подготвениот карфиол печете го во претходно загреана рерна на 200 степени околу 10 минути.
  5. Во меѓувреме изматете ги јајцата со павлаката, мајонезот и млекото. Смесата зачинете ја со сол и мешан сув зачин.
  6. Со смесата од јајца прелијте го печениот карфиол, па вратете го да се пече уште дополнителни 10 минути. Покачете ја температурата на рерната на 220 степени.
  7. Готовиот карфиол поросете го со рендан кашкавал и ситно сечкан магдонос и послужете го додека е топол. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Вегетаријански ќофтиња со спанаќ и сирење.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: