Здрави енергетски бомбици со овесни снегулки и семиња

Здрави енергетски бомбици со овесни снегулки и семиња

Сите ние понекогаш сакаме да изедеме по нешто благо после ручек или доцна во ноќта, без разлика дали сме на диета или пак се бориме со вишок на килограми. Најчесто откако ќе го сториме тоа чувствуваме грижа на совест, бидејќи сме ја прекршиле диетата или ветувањето дека ќе се храниме поздраво. Затоа денес ви претставуваме рецепт за здрави енергетски бомбици кои ќе ве воодушеват со својот вкус.

Овој десерт може да им го спакувате и на вашите деца за да го понесат на училиште како ужина. А, нас особено ни се допадна затоа што не се пече, се прави многу едноставно, превкусен е и е вистинска енергетска бомба. Што е најважно е посен, па може да се служи и за време на пости кога исхраната е посиромашна со калории, па цело време се чувствуваме гладни и посегнуваме по нездрава храна и грицки.

енергетски бомбици

Состојки:

  • 1 чаша лупени семки од сончоглед
  • 1 чаша семки од сусам
  • ¼ чаша ленено семе
  • 1 чаша овесни снегулки
  • ½ чаша ситни парчиња чоколадо
  • ¾ чаша суво грозје или сува брусница
  • ½ чаша какао во прав
  • 1 чаша путер од кикиритки (може да го направите сами по овој рецепт)
  • 1 чаша путер од бадеми
  • ½ чаша мед
  • ¾ чаша кокосово брашно.

Подготовка:

  1. Најпрво семките од сончоглед, сусамот, кокосовото брашно и листовите од бадем кратко испечете ги во нелеплива тава на оган, но секоја состојка засебно, без притоа да ги измешате.
  2. Оставете ги кратко да се изладат, па соберете ги во посебни садови.
  3. Во подлабок сад измешајте ги сите состојки освен кокосовото брашно и листовите од бадем, така што ќе добиете смеса од која можете да оформите бомбици. Доколку смесата е премногу сува, можете да додадете уште малку мед за да омекни.
  4. Од вака подготвената смеса, со влажни раце, обликувајте бомбици со средна големина.
  5. Секоја бомбица извалкајте ја во кокос.
  6. Вака приготвените енергетски бомбици чувајте ги во херметички затворен сад во фрижидер или замрзнувач. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Посни бомбици од суво овошје и лешници.

Сподели: